Свет

Кина почна мисија за извлекување примероци од астероид

По пристигнувањето, леталото ќе орбитира околу астероидот заради набљудување и за земање примероци од површината на вселенското тело.

Кина почна мисија за извлекување примероци од астероид

Кина рано денеска ја почна својата прва мисија за собирање примероци од карпи од астероид близу Земјата. Целта е да се продлабочат научните сознанија за создавањето и обликувањето на астероидите и за раниот Сончев Систем.

Вселенското летало без екипаж „Тијанвен-2“ успешно полета од центарот за лансирање на сателити „Шичанг“ во југозападна Кина, соопшти кинеската Национална вселенска администрација. Сондата ќе патува околу една година, а целта е астероидот „2016 ХО-3“, наречен и „Камо’оалева“. По пристигнувањето, леталото ќе орбитира околу астероидот заради набљудување и за земање примероци од површината на вселенското тело.

Се очекува примероците да бидат вратени на Земјата во капсула до крајот на 2027 година.

Потоа, следи испитување и на кометата „311-П“, којашто се наоѓа во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер.

Кинеската вселенска програма рапидно се прошири последниве години, а можеби најважниот потфат го вклучуваше поставувањето на вселенската станица „Тијангонг“, како и плановите за слетување на Месечината со екипаж околу 2030 година. Со лансирањето на „Тијанвен-2“, Кина се обидува да им се придружи на САД и Јапонија како држави коишто успеале во праќањето примероци од астероиди на Земјата.

To top