Во Рим утрово почнаа консултации на кардиналите, една недела пред почетокот на конклавата на 7 мај, на која ќе се избере нов поглавар на Римокатоличката црква, по смртта на папата Франциск на 21 април.
– Атмосферата е многу мирна, ова е момент за дијалог, изјави денеска колумбискиот кардинал Хорхе Енрике Именес Карвахал.
Тој додаде дека дијалогот е широк и отворен, наведувајќи дека во конклавата „не се зборува за притисок, поларизација или манипулација“.
– Се слушаме едни со други, и секој ќе одлучи пред Бога, рече кардиналот.
Секое утро, околу 200 „принцови на Црквата“, од кои некои никогаш претходно не се сретнале, се собираат во салата Павле VI во Ватикан на општи конгрегации, состаноци зад затворени врати каде што разговараат за приоритетите за иднината на институцијата стара 2.000 години.
Меѓу нив, 133 кардинали помлади од 80 години ќе учествуваат во конклавата, а двајца кардинали го најавија своето отсуство поради здравствени причини.
Атмосферата е „семејна, пријателска и полна со почит“, изјави аргентинскиот кардинал Анхел Сиксто Роси.
– Слушаме луѓе кои можеби никогаш претходно не сме ги слушнале, и тоа ни дава насоки, рече шпанскиот кардинал Кристобал Лопез Ромеро, надбискуп на Рабат.
На конклавата ќе бидат потребни две третини од гласовите за да се избере папа, чие име потоа ќе биде објавено во пораката „Urbi et orbi“ (На градот и светот).
На прашањето за можното времетраење на конклавата, салвадорскиот кардинал Грегорио Роза Чавес рече дека ќе трае „најмногу три дена“.
Што се однесува до веројатноста за консензус во континуитет со папата Франциско, салвадорскиот кардинал рече дека тоа е она што тој го чувствува и што се перципира во атмосферата.
Папата Франциск почина на Велигденскиот понеделник, на 21 април, и беше погребан во саботата во базиликата Санта Марија Маџоре.