Свет ЕУ збунета

Венс: Европа не треба да го прави сè она што ќе ѝ го кажат Американците!

Вториот човек на Белата куќа ѝ порачува на Европа дека Америка ѝ останува пријател и сојузник. Само сака Европа да се соочи со реалноста, да биде понезависна, воено посилна и поодговорна кон сопствените граѓани.

Венс: Европа не треба да го прави сè она што ќе ѝ го кажат Американците!

Повлекувањето на безбедносните гаранции и воведувањето царини не значи дека Америка повеќе не ѝ е пријател на Европа, вели американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Но, Вашингтон ќе инсистира од европските лидери да преземат понезависна улога на меѓународната сцена и да бидат поодговорни кон сопствените гласачи, особено кога станува збор за прашањето за имиграцијата.

„Европа не треба да го прави сè она што ќе ѝ го кажат Американците“. Оваа порака не доаѓа од Брисел, Париз или Берлин, туку од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Вториот човек на Белата куќа ѝ порачува на Европа дека Америка ѝ останува пријател и сојузник. Само сака Европа да се соочи со реалноста, да биде понезависна, воено посилна и поодговорна кон сопствените граѓани.

Тој тврди дека европските лидери сè уште не успеваат да се соочат со реалноста од 21 век за економијата, миграцијата, интеграцијата и безбедноста. Демократскиот проект на Западот се распаѓа поради политиките за отворени граници, кои ги смета за отровни за демократската доверба.

-Многу сме фрустрирани што европските популации бараат поразумни економски и миграциски политики, а лидерите им го нудат спротивното од она за што гласале, вели Венс во интервју за Анхерд.

Другата болна точка на Европа, според Венс, е безбедноста, која четвртина век беше субвенционирана од САД.

-Неодамна Европа имаше војски што можеа да ги бранат барем своите татковини. Денес повеќето европски нации немаат војска за разумна одбрана. Британците, Французите и Полјаците се исклучоците што го докажуваат правилото дека европските лидери радикално недоволно инвестирале во безбедноста и тоа мора да се промени, смета Венс.

Говорејќи за тарифите што Трамп ѝ ги наметна на Европа, потпретседателот објаснува дека глобалниот трговски систем доведе до голем и постојан трговски дефицит, при што мнозинството земји навистина ги искористуваат САД. Потпретседателот е убеден дека САД ќе постигнат нови трговски аранжмани со европски држави.

-Целта е праведноста. Мислам дека тоа ќе доведе до многу позитивни трговски односи со Европа. Да повторам, ние ја гледаме Европа како наш сојузник. Само сакаме тоа да биде сојуз во кој Европејците ќе бидат малку понезависни, а нашите безбедносни и трговски односи ќе го одразуваат тоа, изјави Венс.

Коментирајќи ги критиките што му ги упати претседателот Володимир Зеленски дека „ја оправдува руската агресија врз Украина“, Венс одговори: „Некако апсурдно е Зеленски да ѝ каже на американската администрација, која моментално ги држи заедно целата негова влада и воените напори, дека е на страната на Русите“.

To top