Свет ќе има ли крај на војната

Вашингтон предвидува „одлучувачка недела“ за мировните преговори во Украина

Русија окупира околу 20 отсто од украинската територија, вклучувајќи го и Крим.

Вашингтон предвидува „одлучувачка недела“ за мировните преговори во Украина

Преговорите за Украина денеска влегуваат во „одлучувачка недела“, предвидоа САД. Овие надежи ги изрази американскиот државен секретар Марко Рубио, иако борбите не покажуваат знаци на смирување.

Русија изврши напад со 150 дронови и ракети во неделата навечер, при што загинаа четири лица во источна Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Москва, од друга страна, објави „целосно ослободување“ на Курската област, што Украина го негираше.

-Блиску сме (до договор), но не доволно блиску, изјави вчера американскиот државен секретар Марко Рубио за телевизијата Ен-Би-Си. „Мислам дека оваа недела ќе биде клучна“, додаде тој.

Вашингтон не откри детали за својот мировен план, но предложи линијата на фронтот да биде замрзната и Киев да го отстапи Крим на Русија во замена за прекин на непријателствата – предлог за кој Киев одбива дури и да дискутира.

Спротивно на изјавите на Зеленски, Трамп вчера изјави дека верува оти украинскиот лидер е подготвен да се откаже од Крим.

-Мислам дека да. Таа работа со Крим беше пред 12 години, рече Трамп како одговор на новинарско прашање дали верува оти Зеленски е подготвен да го „предаде“ полуостровот, анектиран од Русија во 2014 година.

Американскиот претседател во последните денови изрази сомнежи во врска со подготвеноста на Владимир Путин да ја заврши војната.

„Сакам тој да престане да пука. Седнете и потпишете го договорот“, инсистираше вчера Трамп. „Имаме основа за договор, верувам во тоа и сакам тој да го потпише“, додаде американскиот претседател.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, од своја страна, вчера изјави дека Украина не треба да ги отстапи сите територии окупирани од Русија, како што би сакал Доналд Трамп.

-Украина, секако, одамна знае дека прекинот на огнот или траен и веродостоен мировен договор може да вклучува територијални отстапки“, рече тој на телевизијата „Ард Де“. „Но, тие сигурно нема да одат толку далеку – или не треба да одат толку далеку – како најновиот предлог од американскиот претседател, додаде тој.

Русија окупира околу 20 отсто од украинската територија, вклучувајќи го и Крим.

Во саботата, началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, го увери претседателот Владимир Путин дека Курската област е целосно „ослободена“ од присуството на украинските трупи.

Генералот посебно го пофали „херојството“ на севернокорејските војници кои се борат на страната на Русија – првото официјално признание од Москва за нивното учество во војната.

Северна Кореја денеска за прв пат потврди присуство на свои војници во Русија за учество „во операции за ослободување на Курската област“ во рамките на договорот за меѓусебна одбрана меѓу двете земји. Државната агенција KCTA увери дека воените напори на овие војници биле „крунисани со победа“.

To top