Еврокомесарката за проширување Марта Кос од денеска до недела престојува во посета на Молдавија, во чии рамки ќе има средби со граѓани, стопанственици и политички лидери со кои ќе разговара за придобивките од членството во ЕУ и влијанието на Планот за реформи и раст врз иднината на земјата.
Престојот во Молдавија, Кос ќе го започне со средба со молдавската претседателка Маја Санду посветена на патот на пристапување на Молдавија во ЕУ и за досегашниот напредок, а, исто така, и формално ќе го потпише Планот за реформи и раст за земјата.
Во текот на денот Кос ќе присуствува на неколку прослави на Денот на Европа во градовите Кишињев, Унгени и Орхеј.
Утре и задутре Кос ќе посети неколку населени места ширум Молдавија, каде ќе има средби со претставници на локалните власти, младите и на медиумите, како и со корисници на средства од фондовите од ЕУ за реализација на проекти, меѓу кои и енолошки центар во Кахул, центарот за дигитални и еколошки услуги во Единет и етно-туристички комплекс во Комрат.