Европската Унија, нејзините земји членки и меѓународните партнери се солидаризираат со Чешка во врска со злонамерната кибер кампања насочена кон нејзиното Министерство за надворешни работи, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со хакерскиот напад врз чешкото МНР.
– Чешка утврди дека кибер нападот е извршен од групата Напредна постојана закана 31 (AПT31), која е поврзана со Министерството за државна безбедност на Кина. Во последниве години, злонамерните кибер активности поврзани со оваа земја, а насочени кон ЕУ и нејзините земји членки, се зголемија, порача Калас во писмената изјава.
Таа потсетува дека од 2021 година ЕУ ги повикува кинеските власти да преземат мерки против злонамерните кибер напади преземени од територијата на Кина, но неколку земји членки сепак посочуваат на продолжување на ваквите активности.
– Постојано ја искажуваме нашата загриженост и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности, кои се спротивни на рамката на Обединетите нации за одговорно однесување на државите во кибер просторот, а која ја поддржаа сите земји членки на ОН, додаде Калас.
Високата претставничка нагласува дека ЕУ ги повикува сите држави, вклучително и Кина, да се воздржат од таквото однесување, да го почитуваат меѓународното право и да се придржуваат кон нормите и принципите на ОН, вклучително и оние поврзани со критичната инфраструктура, потенцирајќи дека државите не треба да дозволат нивната територија да се користи за злонамерни кибер активности.
– Европската Унија ја потврдува својата силна посветеност за спречување, одвраќање и реагирање на злонамерно однесување во кибер просторот и е подготвена да преземе понатамошни мерки кога е тоа потребно. Ќе продолжиме да соработуваме со нашите меѓународни партнери за да промовираме длабинска анализа и одговорно однесување на државите во кибер просторот, со цел да се обезбеди глобален, отворен, слободен, стабилен и безбеден кибер простор, додава Калас во писмената реакција.