Лидерите на 13 земји-членки на иницијативата „Три мориња“ денеска и утре ќе учествуваат на самитот во Варшава, каде што Хрватска ќе го преземе претседавањето од Полска, објави хрватскиот портал „Индекс“. На самитот ќе биде одбележана и 10-годишнината од основањето на проектот.
Иницијативата „Три мориња“ е основана во 2015 година од Хрватска и Полска. Покрај нив, членки се и Бугарија, Романија, Грција, Чешка, Словачка, Словенија, Австрија, Естонија, Летонија, Литванија и Унгарија. Молдавија и Украина имаат статус на придружни членки, а стратешки партнери се САД, Германија, Јапонија и Европската комисија.
Најавувајќи го самитот, полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека на 28 и 29 април ќе се одбележи „една деценија на успешно соработување во овој формат“.
„Во 2015 година, со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, сакавме да изградиме посилен Европски сојуз преку јакнење на регионалната поврзаност и отпорност, создавајќи мост помеѓу централниот и западниот дел на Унијата, како и зајакнување на трансатлантските врски“, изјави Дуда, чиј втор мандат завршува во средината на мај.
Во рамките на самитот ќе се одржи и бизнис форум на кој ќе бидат презентирани и разгледани проекти за развој на регионската транспортна, енергетска и дигитална инфраструктура. Бугарија ќе биде претставена од претседателот Румен Радев, заедно со претставници од институциите и бизнис секторот.