Вкупно 107 камиони со хуманитарна помош вчера влегоа во Појасот Газа преку преминот Керем Шалом, јави ДПА, повикувајќи се на израелската служба КОГАТ при Министерството за одбрана, која е надлежна за цивилната координација во палестинските територии.
Помошта вклучувала брашно за пекарите и други прехранбени производи.
„Израелските одбранбени сили ќе продолжат да поддржуваат доставата на хуманитарна помош во Газа, вложувајќи напори таа да не заврши во рацете на терористичката организација Хамас“, се наведува во соопштението.
Минатата недела, за првпат по речиси три месеци, хуманитарна помош повторно стигна до територијата. Израел ги блокираше пратките од март, обвинувајќи го Хамас дека ја пренасочува и препродава помошта за финансирање на милитантите.
Обединетите нации и хуманитарните организации предупредуваат на глад и хуманитарна катастрофа. Работниците на терен велат дека доставените количини се недоволни, а логистиката и распределбата се сè уште сериозен проблем.