Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека безбедноста во израелските амбасади ширум светот ќе биде засилена, откако двајца вработени во израелската амбасада беа убиени во пукање пред настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
Во соопштение од неговиот кабинет, Нетанјаху вели дека е „шокиран од ужасното антисемитско убиство“, додавајќи дека бил информиран за деталите од израелскиот амбасадор во САД и од американската јавна обвинителка Пем Бонди, која пак изјавила дека Америка ќе го изведе убиецот пред лицето на правдата.
Нетанјаху ѝ се заблагодари на Бонди и на американскиот претседател Доналд Трамп „за јасното спротивставување на антисемитизмот“.
– Сведоци сме на ужасната цена на антисемитизмот и дивите провокации против Државата Израел“, вели Нетанјаху. „Крвните клевети против Израел нè чинат крв и мора безмилосно да се бориме против нив.“
– Моето срце ја чувствува болката на семејствата на младата двојка, чии животи беа прекинати од гнасен антисемитски убиец. Наредив да се зајакне безбедноста во израелските дипломатски мисии низ светот и околу претставниците на државата, додаде тој.