Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска и утре е во посета на Украина на покана на неговиот украински колега Андриј Сибиха, јави агенцијата Анадолија, повикувајќи се на дипломатски извори.
Предвидено е Фидан да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал, како и да одржи билатерални средби со високи функционери, меѓу кои Сибиха и Андриј Јермак, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, како и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ја предводеше украинската делегација на директните разговори меѓу Украина и Русија одржани во Истанбул на 16 мај 2025 година, додадоа изворите.
За време на средбите, се очекува турскиот министер за надворешни работи да разговара за чекорите што можат да се преземат за развој на билатералните односи, особено во областите на трговијата, енергетиката, одбраната и безбедноста, како дел од соработката воспоставена врз основа на стратешкото партнерство меѓу Анкара и Киев.
Фидан, исто така, ќе ја потврди поддршката на Турција за територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Украина. Турскиот министер за надворешни работи ќе ги истакне и се посериозните негативни последици од војната меѓу Русија и Украина, нагласувајќи ја потребата од прекин на војната преку дипломатија и обезбедување праведен и одржлив мир. За таа цел, се очекува Фидан да ја изрази подготвеноста на Турција да ја одигра својата улога, како што правеше досега, и да биде домаќин на дополнителни разговори меѓу Киев и Москва.
Тој, исто така, ќе ја изрази подготвеноста на Анкара да игра улога во обновата на Украина и ќе ја нагласи важноста од обезбедување на сигурноста на бродовите во Црното Море.
Фидан претходно неделава ја посети и Москва.