Најмалку едно лице загина, а неколку се повредени во последните руски ноќни напади врз Украина, соопштија денеска локалните власти.
Во меѓувреме, наводно била предизвикана штета од украински напади врз Москва, пренесе ДПА.
Еден цивил загина, а една жена е повредена во градот Билопилија во североисточниот украински регион Суми, во близина на руската граница, соопшти регионалната администрација.
– Уништени се станбени згради, соопштија властите на Телеграм, пријавувајќи и штети во други заедници, вклучително и на инфраструктурата.
Уште три цивили биле повредени во напади со дронови врз украинскиот индустриски регион Дњепропетровск, информираа властите.
Уништени се станбени згради, а оштетени се 30 соларни панели кои се користат за снабдување со енергија, соопшти гувернерот Серхиј Лисак.
Од другата страна на границата, 48 украински борбени дронови биле соборени, вклучително и три над Москва, според руското Министерство за одбрана. Сообраќајот на московскиот аеродром Внуково, во југозападните предградија на градот, мораше привремено да биде прекинат за време на нападот.
Според градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, остатоци од дрон погодиле станбена зграда на булеварот Вернадски во јужниот дел од главниот град.
Во московското предградие Одинцово, возило било оштетено од остатоци од дрон. Според извештаите, нема повредени во ниту еден случај.