Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара потврди дека неговата земја води индиректни преговори со Израел „за да се спречи непријателствата меѓу двете земји да излезат од контрола“.
-Во врска со преговорите со Израел, постојат индиректни разговори преку посредници за смирување на ситуацијата и спречување таа да излезе од контрола“, рече вчера ал-Шара на прес-конференција во Париз по разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон, но не прецизираше кои се медијаторите.
Тој рече дека неговата влада контактира со секоја земја што има врски со Израел во обид да изврши притисок врз неа да престане да се меша во внатрешните работи на Сирија и да ја напаѓа нејзината инфраструктура, јавија британските медиуми.
Пристигнувањето на Ал-Шара во Франција е прва посета на сирискиот претседател на Европа откако ја презеде функцијата привремен претседател на Сирија во јануари годинава и е дел од неговите напори за проширување на врските на Сирија со западните земји.
Посетата на сирискиот претседател на Париз се совпаѓа со обновено секташко крвопролевање во Сирија и борбите меѓу силите лојални на ал-Шара и малцинството Друзи во кои минатата недела загинаа речиси 100 лица.
На овие судири им претходеше насилство во крајбрежниот регион на Сирија и судири меѓу сунитските вооружени групи и членовите на малцинската алавитска заедница, во кои загинаа повеќе од 1.000 лица, од кои повеќето алавитски цивили, убиени во одмазднички напади.
Религиозните малцинства во Сирија, вклучувајќи ги Алавитите, христијаните и Друзите, се плашат од прогонство под владата на претежно сунитските муслимани, иако ал-Шара постојано ветува дека сите Сиријци ќе бидат третирани еднакво, без оглед на религијата или етничката припадност.
Израел минатата недела започна серија воздушни напади врз делови од Сирија, со образложение дека сака да го заштити малцинството Друзи од напади на провладини вооружени фракции.
Британски Ројтерс претходно вчера објави, повикувајќи се на три извори, дека Обединетите Арапски Емирати воспоставиле таен канал за преговори меѓу Израел и Сирија.
Според изворот, овие индиректни контакти се фокусирани на безбедносни и разузнавачки прашања и градење доверба меѓу двете земји кои немаат официјални односи.