Во Кавадарци денеска се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Пред претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од Кавадарци и регионот, мерките од планот ги презентираа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска и заменик директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.
Заменик-министерот Ристески се осврна на трите јавни повици кои беа објавени во текот на вчерашниот ден поврзани со мерката – Поддршка за самовработување (претприемништво).
– Висината на финансиската поддршка во форма на грант за основање и започнување на бизнисите, изнесува 7.000 евра доколку аплицира лице кое е постаро од 29 години, а доколку станува збор за младо лице на возраст до 29 години, висината на финансиската поддршка изнесува 10.000 евра. Доколку пак станува збор за здружување на корисници во ДОО, поддршката изнесува до 20.000 евра, зависно од целните групи. Со овие 3 повици во рамки на мерката Поддршка за самовработување (претприемништво) се дава можност на повеќе од 1700 лица да отворат сопствен бизнис– кажа Ристески.
Тој додаде дека целта на оваа мерка од Оперативниот план е да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање на почетни бизниси што ќе обезбедат одржливи вработувања.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев ги поздрави мерките од Оперативниот план за вработување и ги повика сите заинтересирани невработени лица – активни баратели на работа, кои имаат своја бизнис идеја да аплицираат и да ја искористат оваа можност да креираат сопствен бизнис
Јавните повици траат до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.