Македонија

Мисајловски учествува на министерски состанок на НАТО во Брисел – главни теми Самитот во Хаг, Украина и одвраќањето и одбраната

Самитот на НАТО во Хаг, поддршката за Украина и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната ќе бидат главни теми на денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на кој ќе учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски.

Мисајловски учествува на министерски состанок на НАТО во Брисел – главни теми Самитот во Хаг, Украина и одвраќањето и одбраната

Самитот на НАТО во Хаг, поддршката за Украина и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната ќе бидат главни теми на денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на кој ќе учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски.

Состанок ќе започне со седница на Северноатлантскиот совет на која министрите ќе разговараат за подготовките на Самитот во Хаг што треба да се одржи од 24 до 26 јуни и за трошоците за одбраната, а, според најавите, ќе донесат и клучни одлуки за подобрување на одвраќањето и одбраната на НАТО.

Како што најави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на вчерашната прес-конференција во пресрет на министерскиот состанок, на него ќе биде направен огромен скок напред во зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана на Алијансата со усогласување на нови амбициозни цели.

– Овие цели ги утврдуваат силите и конкретните капацитети што сојузниците треба да ги обезбедат за да го зајакнат нашето одвраќање и одбрана, рече Руте.

За остварување на овие цели, за соочување со секоја закана и за целосно спроведување на плановите за колективна одбрана, според Руте, на Алијансата и се потребни повеќе ресурси, сили и капацитети за што се потребни значително повисоки одвојување за одбраната.

– Светот станува се поопасен. Постои брутална војна на Русија против Украина, закана од тероризмот и интензивирање на глобалната конкуренција. Ќе продолжиме да ги заштитуваме нашите луѓе и нашиот начин на живот. Затоа мора да го направиме НАТО посилна, пофер и повоинствена Алијанса, изјави Руте.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во пресрет на состанокот извори од Мисијата на САД при НАТО брифираа дека кога станува збор за одбранбените трошоци издвојувањата на ниво од пет отсто од БДП нема да биде само ветување на земјите членки, туку и нивна обврска.

Тие додадоа дека секој сојузник мора да се обврзе да инвестира најмалку пет отсто од БДП во одбраната и безбедноста почнувајќи од сега, посочувајќи дека тоа не е сугестија, туку е основа за одвраќањето во свет каде што заканите постојано растат.

– Сакаме сите сојузници да ги зголемат своите буџети колку што можат и што можат побрзо. Тоа не е временски рок што го поставуваат САД, туку нашите противници и нивната способност да водат војна против Алијансата, нагласија дипломатските извори.

Инаку, во рамки на состанокот ќе се одржи и неформално заседание на Советот НАТО-Украина во форма на работен ручек, на кое ќе се разговара за континуирана поддршка на Алијансата за Киев, како и за итната потреба за постигнување мир.

Како што нагласи Руте на вчерашната прес-конференција целта на поддршката на НАТО за Украина во справување со руската агресија не е продолжување на војната, туку обезбедување услови земјата да може да се одбрани во моментов и да спречи каква било агресија во иднина.

Руте додаде и дека НАТО целосно ги поддржува напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за запре на крвопролевањето во Украина и постигнување праведен и траен мир.

На крајот на министерската средба е предвиден состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО. Според Руте, фундаментална цел на нуклеарниот капацитет на Алијансата е да го зачува мирот, да спречи притисоци и да одврати агресија, па затоа нуклеарното одвраќање е камен-темелникот на безбедноста на НАТО.

Покрај министрите за одбрана на членките на НАТО на министерскиот состанок е најавено учество и на нивниот украински колега Рустем Умеров и на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Во пресрет на денешниот собир, вчера попладне во седиштето на НАТО во Брисел се одржа состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, со кој претседаваа министрите за одбрана на Велика Британија и Германија, Џон Хејли и Борис Писториус.

To top