Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го назначи генерал-мајорот Давид Зини за шеф на домашната разузнавачка служба Шин Бет, соопшти неговиот кабинет, и покрај правните приговори од државниот обвинител.
Зини, кој „служеше на многу оперативни позиции и команди во Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе ја преземе функцијата на 15 јуни од Ронен Бар, досегашниот шеф на агенцијата.
Државниот обвинител Гали Бахарав-Миара тврдеше дека Нетанјаху не е во позиција да именува наследник откако Врховниот суд во средата пресуди дека неговиот претходен обид да го разреши Бар е незаконски и покрена прашања за судир на интереси.
Тензиите меѓу Нетанјаху и Бар се зголемија во последните месеци, главно поради истрагата на Шин Бет за двајца соработници на премиерот осомничени за примање средства од Катар, кој Израел го смета за поддржувач на Хамас во Газа.
Нетанјаху првично го разреши Бар, наведувајќи дека изгубил доверба во него, но ја поништи одлуката по критики од јавноста.
Бар подоцна рече дека ќе поднесе оставка, преземајќи одговорност за она што го опиша како лични неуспеси пред терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и предизвика војна во Газа.