Свет

Оскфам: Додека работниците преживуваат, десетте најбогати Американци заработувале милијарда дневно

Додека милиони Американци се борат да ги покријат основните трошоци за живот, 10-те најбогати Американци, и покрај флуктуациите на берзите, заработувале по милијарда долари секој ден и се збогатиле за уште 365 милијарди долари, покажа анализа на „Оксфам“.

Оскфам: Додека работниците преживуваат, десетте најбогати Американци заработувале милијарда дневно

Додека милиони Американци се борат да ги покријат основните трошоци за живот, 10-те најбогати Американци, и покрај флуктуациите на берзите, заработувале по милијарда долари секој ден и се збогатиле за уште 365 милијарди долари, покажа анализа на „Оксфам“.

Зголемување на богатството претставува добивка од околу милијарда долари дневно за елитната група милијардери, додека, пак, типичниот американски работник во 2023 година заработил нешто повеќе од 50.000 долари.

Податоците доаѓаат во време кога републиканците дебатираат за закон за кој непартиските експерти велат дека ќе ги направи богатите уште побогати и ќе скрати речиси трилион долари од финансирањето за клучните социјални програми.

– Богатството на милијардерите астрономски се зголеми, додека толку многу обични луѓе се борат да врзат крај со крај, објави во извештајот директорката за економска и расна правда на „Оксфам Америка“, Ребека Ридел.

За да ги утврди добивките на најбогатите, „Оксфам“ во реално време ги мереше промените во богатството на првите 10 на листата на милијардери на „Форбс“ меѓу крајот на април минатата година и крајот на април годинава.

Елон Маск, најбогатиот човек во светот, учествува со малку повеќе од половина од вкупното зголемување на богатството, бидејќи во тој период заработи 186,1 милијарди долари. Нето вредноста на сопственикот на „Мета“, Марк Закерберг, и наследникот на „Волмарт“, Роб Волтон, се зголеми за 38,7 милијарди долари. Инвеститорот Ворен Бафет заработи дополнителни 34,8 милијарди долари, додека наследникот на Волмарт, Џим Волтон, заработи 36,5 милијарди долари. Некои милијардери, како коосновачите на Гугл, Лари Пејџ и Сергеј Брин, во тој период изгубиле дел од своето богатство.

Оксфам тврди дека републиканскиот закон, за кој Доналд Трамп рече дека е негов приоритет, дополнително ќе им наштети на обичните луѓе, а ќе им користи на најбогатите.

Според Оксфам, данок од само три проценти на богатство над милијарда долари би обезбедил 50 милијарди долари само од 10-те најбогати Американци, доволно за да се обезбеди помош во храна за 22,5 милиони луѓе за една година.

Други, пак, тврдат дека данокот на богатство би бил многу предизвикувачки, делумно затоа што може да биде тешко да се процени нето вредноста што ја има некој, а некои правни експерти се прашуваат дали данокот на богатство би бил уставен.

To top