Десетици кутии со нацистички документи запленети од аргентинските власти во текот на Втора светска војна неодамна повторно се откриени во подрумот на Врховниот суд на Аргентина.
Врховниот суд соопшти дека 83 кутии со документи во јуни 1941 година биле испратени од Амбасадата на Германија во Токио со јапонскиот пароброд „Нан-а-Мару“ во Аргентина.
Тогашните аргентински власти стравувале дека содржината на документите можеле да влијаат врз неутралноста на Аргентина во Втора светска војна. Германските дипломати тврделе дека во кутиите има лични предмети, но аргентинската царина пронашла разгледници, фотографии и пропаганден материјал на нацистичкиот режим и ги запленил материјалите.
Сè уште е непознато зошто предметите биле испратени во Аргентина ниту што тогаш презел Врховниот суд на Аргентина.
Осумдесет и четири години подоцна судските службеници ги пронашле кутиите додека подготвувале материјали за музејот на Врховниот суд.
Судот соопшти дека материјалите биле за ширење на идеологијата на Адолф Хитлер во Аргентина во текот на Втора светска војна.
Врховниот суд го повика Музејот на холокаустот во Буенос Аирес да учествува во пописот и зачувување на документите.
Аргентина беше неутрална до 1944 година, кога ги прекина дипломатските односи со силите на Оската и идната година му објави војна на Германија и Јапонија. Од 1933 до 1954 година, според Музејот на холокаустот, 40.000 Евреи бегајќи од нацистичкиот прогон во Европа пристигнале во Аргентина, која е дом на најголемата еврејска популација во Јужна Америка.