Македонија посакуван партнер за многу држави

Наумовски: Стратешкиот договор со Британија е исклучителен успех на нашата дипломатија, ЕУ веќе не е безалтернативен партнер

За тоа каков сигнал во политичкиот свет се испраќа со овој договор, Наумовски вели дека Велика Британија е посакуван партнер за многу држави. Смета дека евроинтегративната неизвесност само повеќе ги насочува земјите од Западен Балкан да се фокусираат на засилување на односите во други земји.

Наумовски: Стратешкиот договор со Британија е исклучителен успех на нашата дипломатија, ЕУ веќе не е безалтернативен партнер

Македонија добива пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти со потпишувањето на стратешкиот договор со Велика Британија. Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски и екс амбасадорот во САД во изјава за Курир вели дека за Македонија партнерството со Велика Британија е значајно од повеќе аспекти, а потпишаниот договор ќе го зголеми животниот стандард.

-Во последните години сме сведоци дека мултиполарниот свет во континуитет се менува. Секоја држава се обидува да ги заштити своите национални, политички, економски и безбедносни интереси. Во тој контекст склучувањето на договорите за стратешко партнерство со значајни држави во светот придонесуваат за остварување на надворешно-политичките приоритети на Македонија, но и на реализација на проекти кои ќе доведат до зголемување на животниот стандард и зголемување на инвестициите. Партнерството со Велика Британија е значајно од повеќе аспекти. Велика Британија веќе не е членка на ЕУ и служи како своевиден мост помеѓу САД и државите од Европската Унија. Има особено силно влијание во повеќе области, и во економијата и во безбедноста и во политиката, во многу делови од светот, вели Наумовски.

Тој смета дека економските аспекти на овој договор се очекува да го дадат долгоочекуваниот импулс во македонската економија кој ќе овозможи не само зголемување на инвестициите, туку и подобрување на политичките односи меѓу двете држави.

-Ние сме сојузници во НАТО, имаме воспоставено добра соработка изминатите години, веќе имаме присутни инвестиции од Велика Британија и овој договор може само да ја надогради економската соработка. Проектите од областа на инфраструктурата, образованието, животната средина се од таков обем што е неопходна дополнителна финансиска поддршка надвор од домашните извори и во таа насока сметам дека оваа поддршка од Велика Британија значително ќе придонесе за една економска стабилизација и развој на Македонија, зацврстување на политичката и безбедносна соработка, како и остварување на нашите надворешно-политички приоритети, истакнува поранешниот амбасадор.

За тоа каков сигнал во политичкиот свет се испраќа со овој договор, Наумовски вели дека Велика Британија е посакуван партнер за многу држави. Смета дека евроинтегративната неизвесност само повеќе ги насочува земјите од Западен Балкан да се фокусираат на засилување на односите во други земји.

-Забавувањето на процесот на проширување на Европската Унија го намалува ентузијазмот не само кај владите, туку и кај граѓаните на државите од Западниот Балкан за европска интеграција и за разлика од пред 10-20 години, ЕУ веќе не е безалтернативен партнер и затоа повеќе држави од Западниот Балкан се фокусираат на продлабочување на билатералните односи со САД, Велика Британија, со државите од Блискиот и Далечниот Исток. Затоа што недостатокот на јасна перспектива за европска интеграција на државите, во суштина ги мотивира земјите да бараат нови партнери со цел да ги унапредат и политичките билатерални односи, но и да воспостават економска и трговска соработка која ќе донесе корист за нивните граѓани. Велика Британија како држава која има силно влијание и во политиката, и во безбедноста и економијата, во регионот на Европа и пошироко, е посакуван партнер за многу држави. Сметам дека ова е еден исклучителен успех на нашата дипломатија и економскиот сектор што успева со овој договор за стратешко партнерство да отвори една нова епизода од која сметам дека ќе имаат корист и Велика Британија и Македонија, заклучува Наумовски.

Стратешкиот договор со Британија ќе овозможи реализација на капитални проекти, од кои три се веќе подготвени. Како што најавија претходно од Владата, тоа е проектот за брзата железничка пруга, Коридор 10, здравствениот проект за болници и проектот за образование, за Медицинскиот факултет. Во следниот период, македонската владата ќе се насочи кон нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, и други.

Најнови вести од Македонија

To top