Економија

Ристески: Прво ќе ги согледаме конечните резултати, па ќе одлучиме дали ќе воведеме мерки за ограничување на цените и маржите

Ристески се надева дека сите учесници во синџирот на трговија веќе ја научиле лекцијата и дека во преден план треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард.

Ристески: Прво ќе ги согледаме конечните резултати, па ќе одлучиме дали ќе воведеме мерки за ограничување на цените и маржите

Министерството за економија и труд прво ќе ги согледа конечните резултати што ги даде мерката за ограничени цени и маржи, а потоа ќе одлучи што ќе правиме понатаму, најави денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

– Од она што го имаме досега од Државниот завод за статистика резултатите се добри, но ги чекаме крајните резултати кои ќе бидат готови наредната недела. Ако има потреба би продолжиле со мерката, а ако нема тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените, изјави Ристески во одговор на новинарско прашање пред почетокот на експертскиот форум во рамки на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“, организиран од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

Ристески се надева дека сите учесници во синџирот на трговија веќе ја научиле лекцијата и дека во преден план треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард.

– Сите заедно треба да направиме се за да го заштитиме стандардот на граѓаните и да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и цените кога нема економски прилики за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата, посочи Ристески.

Најави дека Министерството за економија и труд е при крај со изработката на Просечната потрошувачка кошничка и додаде дека ќе треба да оди на наредни филтри, пред се на Економско социјалниот совет каде ќе ја разгледуваат синдикатите, работодавачите и Владата. Потоа, како што кажа, ќе биде презентирана пред јавноста.

Прецизира дека Просечната потрошувачка кошничка се базира на многу квалитетни информации од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат, а цените на основните прехранбени производи и производите кои ги користат граѓаните во секојдневието се земени од повеќе маркети од различни делови на земјата.

– Податоците од просечната потрошувачка кошничка исклучиво ќе се користат за создавање и креирање квалитетни економски политики за заштита на животниот стандард, а не за креирање на јавното мислење. За тоа ќе ни требаат релевантни податоци од институциите и Државниот пазарен инспекторат врз база на кои ќе градиме квалитетни економски мерки што ќе го штитат животниот стандард, потенцира Ристески.

Утре истекува мерката за ограничени цени и маржи што ја воведе Владата пред рамазанските и велигденските празници. Согласно податоците од Државниот завод за статистика придонесе за стабилизирање на цените и намалување на инфлацијата во делот на основните прехранбени производи.

Најнови вести од Економија

To top