По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против две лица кои како соизвршители се товарат дека сториле едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 и уште едно кривично дело – Убиство во обид предвиден со член 19 од Кривичниот законик.
-Во текот на истрагата се обезбедени докази кои потврдуваат дека на 01.11.2024 година во Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла и на подмолен начин лишиле од живот едно лице и се обиделе да лишат од живот уште едно. Со двајцата оштетени – татко и син обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7.000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје – пиштол и започнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот се здобил со тешки телесни поврeди, информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, бидејќи се уште постојат законските основи за најстрога мерка за обезбедување.