Специјалната претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Карен Пирс, ќе ја оствари својата прва официјална посета на Македонија во среда, 14 мај.
Карен Пирс, се додава во соопштението, е едена од најискусните дипломати на Обединетото Кралство, таа е назначена за специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, во февруари оваа година, откако ја презеде функцијата од главниот воздухопловен маршал Лорд Пич.
Специјалната претставничка на Обединетото Кралство, Карен Пирс ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Африм Гаши и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Македонија, да се зајакнат економските и трговските врски и непосредно да се соработува во однос на нашите заеднички вредности за промовирање на меѓународниот мир и безбедност во Западен Балкан. Ние ќе продолжиме да бидеме близок партнер и силен сојузник на Македонија во НАТО, се наведува во соопштението.
„Чест ми е што сум назначена за специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан и што ја посетувам Македонија за прв пат во оваа улога. Доаѓам во посета пред Самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи во Тирана оваа недела и Самитот на Берлинскиот процес што Обединетото Кралство го организира оваа есен со лидерите од Западен Балкан. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“, изјави Дама Карен Пирс.