Директорот на државната Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) Пеце Стојковски, потпиша Меморандум за соработка со претседателот на Комората на органски производители, Драги Цветковиќ.
Со потпишувањето на документот се создаваат услови за поголема и динамична институционална соработка меѓу Агенцијата и Комората, изјави за МИA, директорот на АПРЗ, Стојковски.
-Меморандумот со Комората на органиски производители е со цел унапредување на органското земјоделство, поддршка на производителите и заедничко делување во креирање на регулативата. Веруваме дека со вакви партнерства повеќе и подобро се придонесува за поодржливо земјоделство, истакна Стојковски.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството потсетуваат дека до 9 мај отворен e повикот за сите млади лица што се заинтересирани за започнување со земјоделска дејност дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој овозможува неповратен грант од 600.000 денари за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години.
-Поддршката е наменета за млади кои за првпат започнуваат со земјоделска активност, млади кои преземаат постоечко или воспоставуваат ново земјоделско стопанство, и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци. Предност имаат жени млади земјоделки, членови на задруги, млади со завршено земјоделско ветеринарно образование и баратели со инвестиции во механизација, опрема за преработка и сточарско производство, потврди директорот на АПРЗ, Стојковски.