Регион

Средба во Дејтон: Беќировиќ го информираше Руте за закани со оружје врз државни институции на БиХ

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во воздухопловната база Рајт-Патерсон во Дејтон, во рамки на меѓународната конференција по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Ова беше нивна четврта средба во последните шест месеци, што, според Беќировиќ, го потврдува стратешкиот карактер и интензитетот на односите меѓу БиХ и НАТО.

Беќировиќ му се заблагодари на Руте за принципиелната и конкретна поддршка на НАТО за суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на БиХ. Потсети дека членството во НАТО останува еден од клучните надворешнополитички цели на државата, утврден преку одлуки на државните институции.

– Проруски политичари од Републикс Српска мора да знаат дека одлуките за НАТО се носат во државните институции на БиХ, а не во ненадлежни ентитетски органи, и дека документите за НАТО беа усвоени едногласно на државно ниво, порача Беќировиќ.

Тој го информираше Руте и за зголемените напади врз уставниот поредок на БиХ од страна на властите во РС, особено истакнувајќи ги заканите со употреба на оружена сила против државни агенции. Овие активности, рече, се насочени кон дестабилизација на БиХ и загрозување на мирот во регионот.

Беќировиќ нагласи и важноста од интензивирање на реформската соработка преку Акциониот план за членство, како и побрза имплементација на НАТО-инцијативите за изградба на одбранбени капацитети и индивидуалниот прилагоден партнерски план.

Генералниот секретар Руте ја повтори силната заложба на НАТО за безбедноста на БиХ и стабилноста на Западен Балкан, нагласувајќи дека БиХ мора да остане единствена и мултиетничка држава.

To top