Во организација на Канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите (RFoM), утре во Сараево започнува дводневната регионална Конференција за медиуми во Југоисточна Европа (SEEM), посветена на прашања поврзани со слободата на медиумите, безбедноста на новинарите, одржливоста на медиумите и справувањето со дезинформации.
Конференцијата насловена „Зајакнување на медиумската одржливост за информирани и отпорни општества“ (Actioning media viability for informed resilient societies), ќе започне со воведен панел на високо ниво, на кој ќе се обратат претставници на ОБСЕ и високи државни функционери, меѓу кои амбасадорот Јан Брату, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, амбасадорката Терхи Хакала, специјален пратеник на Претседавачот на ОБСЕ, шефот на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, Брајан Агелер, и министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Следи клучен говор на Ејнар Холиен, виш советник и уредник во норвешката медиумска групација Schibsted, на тема „Зошто вреди да се инвестира во медиумска одржливост“.
Панел-дискусиите во текот на првиот ден ќе се фокусираат на четири клучни теми: безбедноста на новинарите, со акцент на ризиците при известување за прашања од јавен интерес, вклучително и родово базирано насилство и дигитален надзор, правните и регулаторни трендови, како што се законите за странско финансирање и SLAPP тужбите (стратешки тужби против јавно учество), економската одржливост на новинарството во јавен интерес, во контекст на зголемено влијание на големите технолошки компании и генеративната вештачка интелигенција, како и иднината на јавниот сервис во Југоисточна Европа, со фокус на неговата независност, доверба и улога во одржување на здрав медиумски екосистем.
Вториот ден ќе се фокусира на регионална соработка за медиумска одржливост, иновативни методи за проверка на факти и развој на рамка за новинарство во јавен интерес. Конференцијата ќе заврши со заклучен панел и обраќања од амбасадорот Брату и министерот за комуникации и транспорт на БиХ, Един Форто