Владата посветено работи во интерес на граѓаните и ги исполнува нивните очекувања. Одлучната борба против корупцијата, беше едно од носечките ветувања во изборната кампањата за кои ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата на граѓаните, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ветување во континуитет се исполнува за што сведочат многубројните и постојани акции на полицијата во кои уапсени се голем број на осомничени лица, за кои постои сомнеж дека сториле криминални и коруптивни дела.
Токму ова е причина поради која, на последната анкета на истражување на јавното мислење на агенцијата Маркет вижн, спроведена телефонски од 20 март до 17 април на примерок од 1200 испитаници, повеќе од 60 отсто од испитаниците ја забележуваат борбата на Влада со организираниот криминал.
Во градацијата на одговорите на прашањето за оценката за борбата против организираниот криминал, повеќе од 60 отсто од испитаниците сметаат дека борбата против криминалот и корупцијата е интензивна и континуирана.
Откако граѓаните видоа ефективна и ефикасна борба против криминалот и корупцијата, прв пат после долги години, македонските граѓани денес сметаат дека најважниот проблем со кој се соочува Македонија се економските фактори.
Затоа, целта на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е економска стабилност и просперитет на сите граѓаните. И покрај бројните предизвици и општата економска катастрофа која беше наследена, како последица на реформите спроведени изминатиот период, Македонија ја очекуваат успеси и добри резултати.
Граѓаните ги поддржуваат економските мерки преземени од Владата изминатиот период, така што две третини од испитаниците ја поддржуваат владината мерка за замрзнување на маржите на дел од производите, а над 40% од испитаниците сметаат дека производите вклучени во мерката за замрзнување на маржите се добро одбрани.
Анкетата, исто така, покажа дека граѓаните бараат промени и реформа во правосудството, така што над 50% од граѓаните поддржуваат смена на Судскиот совет, а нешто помалку, 45,7% сметаат дека треба да се смени и јавниот обвинител“, потенцираат од партијата.
Во соопштението додаваат дека овие резултати се повеќе од мотив и обврска уште поодлучно да се продолжи во исполнувањето на дадените ветувања, за одлучна борба против криминалот и корупцијата, реформа во правосудството, економска стабилност и подобар животен стандард за сите.
Ова истражување на јавното мислење, покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателот и премиер, Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо и неприкосновено водство на политичката сцена во Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.