Разговаравме отворено како што доликува на партнери кои се стремат кон заедничка иднина. Разговаравме за патот кон ЕУ, пат кој не беше ни лесен ни краток ниту секогаш праведен.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски по денешната средба со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
-Пат со многу предизвици, компромиси и за жал предолго чекање. Нашата определба останува јасна, ние припаѓаме во ЕУ. Не затоа што некој ни го должи тоа туку затоа што со децении градиме општество на демократски вредности, владеење на право, човекови права и добрососедство. Затоа што ние вложуваме, се жртвуваме и се менуваме со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Меѓутоа таа определба мора да биде возвратена. Оваа држава има право да очекува многу појасна, поотворена и почесна потврда од самата Унија. Затоа што, ќе се согласиме, не сите земји членки и не секогаш се однесуваат во европскиот дух, порача Мицкоски.
Мицкоски на средбата побарал фер третман, доследност.
-Европа да покаже лидерство кое што ќе донесе нешто вредно за граѓаните во реалност. Да се врати довербата во европската иднина, особено кај младите. Тоа го зборувам не само како политичар туку и како професор кој работи со младите луѓе. Да покажеме дека ЕУ не е затворена туку за нас е жива визија, заедница на вредности, отворена за оние што ги живеат тие вредности. Денес не само што зборуваме за реформи- ние ги живееме тие реформи. И тоа не го правиме за да добиеме аплауз, туку затоа што веруваме дека тоа е вистинскиот пат. Веруваме во европскиот сон- но и бараме да биде сон достапен за сите. Затоа ја поздравувам денешната инаугурација на Првиот дијалог за безбедност и одбрана со Унијата. Тоа не е само вообичаена симболика! Тоа е сигнал дека се движиме во иста насока. Соработката со Балканската медицинска работна група и поддршката што ја добиваме во областа на одбраната, здравството и младинските политики, се исто така чекори што значат многу за нас. И покрај сите предизвици, верувам дека иднината е на наша страна. Верувам во нашите граѓани, во нивната решителност, трпеливост и зрелост. Верувам и во визијата на Европската Унија- како заедница која ги вреднува принципите, не го заборава придонесот и знае кога е време да го направи вистинскиот чекор, посочи премиерот.
Мицкоски посочи дека нашата рака останува подадена, отворени сме за пријателство, за дијалог и соработка.
-Но, стоиме цврсто, исправени и достоинствени- со јасна порака: ние сме подготвени. Европа може да смета на нас, а сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа. Нека оваа средба биде уште еден мост- мост на доверба, разбирање и заедничка иднина, рече Мицкоски.