Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Петер Трусвел, новоименуван нерезидентен амбасадор на Австралија во РМ, со седиште во Белград.
Претседателот Гаши посакувајќи му топло добредојде на aмбасадорот Трусвел во Република Македонија и честитајќи му за назначувањето за aмбасадор, истакна дека и денешната средба е показател на добрите односи меѓу двете држави.
Toj упати благодарност за континуираната и силна поддршка за членството во НАТО, како и поддршката што Австралија ѝ ја дава на европската перспектива на нашата земја, иако не е членка на НАТО и ЕУ.
Претседателот Гаши подвлече дека билатералната парламентарна соработка е значајна за зајакнување и продлабочување на односите меѓу двете земји, потсетувајќи на динамиката на средби меѓу Групите за соработка.
Со оглед на бројноста на дијаспората во Австралија која живее, работи и придонесува за социо-економскиот живот во Австралија, таа е клучниот мост за натамошно длабочување на соработката и основа за истражување на сфери за нејзино проширување, вклучително и трговија, ИКТ, туризам, култура.
Амбасадорот Трусвел се осврна на пријателските односи и на успешната соработка која двете држави континуирано ја градат и која во иднина треба да биде продлабочена во многу полиња од заеднички интерес. Тој ја истакна важноста на натамошно продлабочување на билатералните односи кои преставуваат значаен столб во меѓусебното разбирање.
Трусвел ја повтори цврстата поддршка на Австралија за евроинтегративниот пат на Република Македонија. Амбасадорот изрази задоволство што македонската дијаспора е етаблирана во Австралија и е постојана и долгогодишна врска која ги приближува географски оддалечените држави.
Соговорниците се осврнаа и на можностите за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двата Парламента на сите нивоа, вклучително и преку реципрочни официјални посети на ниво на претседатели на Парламенти.