Во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамки на Саемот на книга 2025, денеска ќе биде промовирана новата книга за деца „Поучни сказни и шарени приказни“ на Ели Маказлиева. Илустрациите се на Христина Башевски, а рецензијата на проф. д-р Кристина Николовска.
Како што соопшти авторката, на 76-те раскошно илустрирани страници, овие приказни се можност на привлечен и забавен начин, соодветен на возраста, инспиративно да вршат позитивни влијанија во животот на детето, развивајќи нови емоции, емпатија и сочувство.
– Ликовите во нив имаат поуки за најдобрите човечки особини, како што се: чесност, храброст, љубезност, добрина, почит, емпатија, љубов, одговорност. Тие се моќна алатка што го инспирира детето за живот во вистинска насока, ги обликува неговите мисли додека расте и му помага да се развива како личност, се вели во соопштението.
Тие, како што се посочува, се лесни за разбирање и плетат морални лекции со морални вредности, богати се со воспитни пораки како значајни придобивки за совршено обликување на детските умови.
Илустрациите што се во функција на текстот овозможуваат да се доживее приказната со непроценлива инспиративност, леснотија и привлечност.