Култура плато пред Филхармонија

Почнува 5. издание на Скопскиот Брас фестивал

Посветен на промоцијата на лимените дувачки инструменти и унапредување на методите за нивни изучување.

Почнува 5. издание на Скопскиот Брас фестивал

Од денеска почнува 5. издание на Скопскиот Брас фестивал посветен на промоцијата на лимените дувачки инструменти и унапредување на методите за нивни изучување.

Фестивалот ќе биде отворен со настапот на домашниот квартет тромбони „Макбрас“, кои ќе одржат џез концерт на платото пред кафе барот Филхармонија.

Квартетот во кој членуваат Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ, ќе настапи заедно со Кирил Кузманов (саксофон), Виктор Филиповски (тапани) и Маријана Николовска (пијано). Ќе бидат изведени познати џез композиции и џез аранжмани на класични композиции. Квартетот Макбрас е формиран од тромбонисти од националните оркестри во Македонија во 2016 година, а има настапувано во САД, Хрватска, Канарски Острови, Бугарија, Косово и др.

Во среда во рамки на фестивалот ќе настапи хрватскиот квартет туби „XL“ во малата сала на Филхармонија.

– Составот е навистина невообичаен, поради не толку познатата солистичка природа на инструментот туба, но нивната виртуозност од самото основање во 2002 година па до денес е препознаена на многу интернационални сцени со гостувања во САД, Тајланд, Малезија, Италија, Германија, Австралија и други држави. Членовите на овој квартет се врвни хрватски музичари, членови на Загребачка Филхармонија и редовни професори на факултетот во Загреб. Покрај концертниот настап, членовите на овој квартет ќе одржат и бесплатен семинар со студентите на ФМУ Скопје. Членови на овој состав се Крунослав Бабиќ (туба), Марио Шинцек (еуфониум), Милош Будимиров (туба) и Петар Кшенек (вагнер туба), велат организаторите.

Покрај овие концерти, на 8 јуни ќе се одржат едукативните интерактивни музички претстави „Фамилија Металковци“ и „Брасковци патуваат“. Претставите се осмислени за да се доближат музичките карактеристики на лимените инструменти.

To top