Економија

НБ: Во април годишен раст на депозитите од 11,6 проценти и 11,8 % на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

Во април, кредитите на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена произлегува од зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари, информираат од НБРСМ.

НБ: Во април годишен раст на депозитите од 11,6 проценти и 11,8 % на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

Народната банка на Република Северна Македонија денеска објави дека анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 11,6 проценти што произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,8 проценти како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

– Монетарни движења во Република Северна Македонија: Во април 2025 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) оствари месечно зголемување од 0,7%, пред сè поради растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити до две години и на готовите пари во
оптек, во услови на пад на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи раст од 10,0%, поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, се наведува во соопштението.

Вкупните депозити во април, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор, се додава во соопштението, забележаа намалување. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,6%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Почнувајќи од јуни 2018 година, се подвлекува во соопштението, Народната банка го користи монетарниот агрегат М3 како нова стандардна дефиниција за паричната маса. За аналитички цели и натаму ќе се пресметува и ќе се објавува монетарниот агрегат М4. Монетарниот агрегат М1, појаснуваат, го сочинуваат готовите пари во оптек и депозитните пари. Монетарниот агрегат М2 е составен од монетарниот агрегат М1 заедно со краткорочните депозити, додека монетарниот агрегат М3 (паричната маса), покрај монетарниот агрегат М2, ги вклучува и депозитите со достасаност од една до две години. Следствено, монетарниот агрегат М4 ги содржи монетарниот агрегат М3 и долгорочните депозити со достасаност над две години.

Вкупните депозити ги сочинуваат сите депозити вклучени во монетарниот агрегат М4, коишто им припаѓаат на корпоративниот сектор, домаќинствата, останатите финансиски институции, непрофитните институции коишто им служат на домаќинствата и локалната самоуправа.

НБ соопшти дека во април 2025 година, вкупните кредити, бележат раст од 0,8% и 11,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.

‒ Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 2,5%. Промената во целост произлегува од намалувањето на краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во денари, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута забележаа зголемување. Споредено на годишна основа, растот изнесува 12,0% и во поголем дел е резултат на повисоките краткорочни депозити во денари и депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти, објавија од НБРСМ и додаваат дека во април, кредитите на корпоративниот сектор5 бележат месечен раст од 1,0%, при годишно зголемување од 14,1%. Промената кај двете основи во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута забележаа пад.

Вкупните депозити на домаќинствата пак, во април, оствариле месечно зголемување од 2,0%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните и краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута. Годишниот раст од 12,1% се должи на повисоките
депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.

‒ Во април, кредитите на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена произлегува од зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари, информираат од НБРСМ.

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележат месечно зголемување од 0,9% и 1,1%, соодветно, при годишен раст од 9,1% и 14,0%, соодветно. Во април, автомобилските кредити забележаа раст на месечна и на годишна основа за 0,4% и 2,3%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен раст од 0,3%, при годишен пад од 7,9%.

Негативните салда на тековните сметки, во април, забележаа месечно намалување од 9,3%, во услови на годишен раст од 0,1%. Во април, кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од 2,3% и 9,0%, соодветно.

Најнови вести од Економија

To top