Тренерот на фудбалскиот тим Јувентус, Игор Тудор ќе го предводи тимот на претстојното Светско клупско првенство во Америка, изјави неговиот менаџер Ентони Шериќ.
Хрватскиот тренер го презеде Јувентус во март, откако Тијаго Мота беше отпуштен. Потпиша договор до крајот на сезоната, односно до крајот на Светското клупско првенство, кое се одржува во САД од 14 јуни до 13 јули.
Тој ги предводеше црно-белите до четвртото место на табелата, кое ги носи во Лигата на шампионите следната сезона, по победата од 3:2 над Венеција во последното коло.
Тудор по натпреварот изјави дека „не е добро и нема логика“ тренер да води тим на Светското клупско првенство, а потоа да не биде во клубот следната сезона.
Раководството на Јувентус е заинтересирано да го врати Антонио Конте, кој оваа сезона ја освои титулата со Наполи.