Два месеци по смртта, беа објавени официјалните резултати од обдукцијата на познатиот американски актер и добитник на Оскар Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава.
Хекман (95) и неговата сопруга Аракава (63) беа пронајдени мртви во нивниот дом во Ново Мексико, а јавноста беше шокирана од деталите за извештаите за нивната смрт.
Сериозни здравствени состојби
Наодите од обдукцијата сега се познати и, според американскиот „Фокс њуз“, кој имал пристап до тие документи, Хекман имал историја на конгестивна срцева слабост, како и тешки хронични хипертензивни промени во бубрезите.
Во тие документи се наведува дека легендарниот актер имал инсталиран „бивентрикуларен пејсмејкер“ во април 2019 година. „Невродегенеративни карактеристики конзистентни со Алцхајмеровата болест“ беа забележани и во наодите од обдукцијата.
-Аутопсијата покажа сериозна атеросклеротична и хипертензивна кардиоваскуларна болест, со имплантација на стентови во коронарните артерии и бајпаси, како и претходна замена на аортна валвула. Имаше траги од стари срцеви удари кои го зафатиле слободниот ѕид на левата комора и септумот, кои беа значително големи. Прегледот на мозокот покажа микроскопски наоди за напредна фаза на Алцхајмерова болест, се наведува во документите.
Хекман бил негативен на тестот за хантавирус.
-Тестирањето за присуство на јаглерод моноксид покажа сатурација помала од 5%, што е во рамките на нормалниот опсег, забележал медицинскиот испитувач.
Токсиколошкиот извештај покажал присуство на траги од ацетон во телото на Хакман во моментот на смртта. Според извештајот, овој растворувач што се користи во хемикалиите е „исто така производ на кетоацидоза предизвикана од дијабетес или гладување, како и метаболит по внесување на изопропанол“.
Токсиколошкиот извештај на Хекман покажа ниво на ацетон од 5,3 mg/dl, додека се пријавени нормални ендогени нивоа на ацетон во крвта до 0,3 mg/dl.
Телата на двојката биле во фаза на распаѓање
Наодите се во согласност со подолг период на постење.
Телата на Хекман и Аракава беа пронајдени на 26 февруари од страна на работниците за одржување Џеси Кеслер и Роланд Лоу Бегеј. Кеслер, кој работел како личен изведувач за двојката 16 години, упатил итен повик на 911.
Изјава под заклетва од налог за претрес, добиена од „Фокс њуз“, открива дека Аракава е пронајдена во состојба на распаѓање со оток на лицето и мумифицирани раце и стапала.
Хекман беше пронајден со истите знаци на распаѓање како и неговата сопруга.
Детективите првично ја опишаа смртта на двојката како „доволно сомнителна за да се бара темелно пребарување и истрага“, според изјавата под заклетва во налогот за претрес.
Сопругата на Хекман истражувала симптоми на коронавирусот
Службените лица потврдија дека не се пронајдени знаци на надворешни повреди ниту кај Хекман ниту кај Аракава, а властите на Ново Мексико брзо започнаа кривична истрага за нивната смрт.
Пребарувањето на компјутерот на Аракава откри дека таа повеќе пати пред смртта истражувала симптоми слични на грип и коронавирус. Тие исто така пронајдоа е-пошта што Аракава ѝ ја испратила на својата масерка на 11 февруари, во која се наведува дека Хекман направила „тест за Ковид“ откако доживеала „симптоми слични на грип или настинка“.
Пред таа е-пошта, Аракава го истражувала терминот „КОВИД“ најмалку четири пати помеѓу 8 и 11 февруари пред да побара медицинска помош во „Клаудбери Хелт“ во Санта Фе, покажаа документите.
-Овие податоци сугерираат дека Бетси активно истражувала медицински состојби поврзани со Ковид-19 и симптоми слични на грип во деновите пред нејзината смрт, се вели во извештајот.
Министерството за здравство на Ново Мексико потврди дека Аракава починала од хантавирусен пулмонален синдром, кој се пренесува од животни на луѓе и најчесто се среќава кај глодари.
-Хантавирусот се карактеризира со симптоми слични на грип, вклучувајќи треска, болки во мускулите, кашлица, повремено повраќање и дијареја, што може да напредува до отежнато дишење, срцева и белодробна инсуфициенција, објасни главниот медицински истражувач д-р Хедер Џарел на прес-конференција минатиот месец.
Хекман имал 95 години во времето на смртта, додека неговата сопруга имала 63 години.