Некогаш една од најпознатите и најпопуларни телевизски водителки, која ТВ кариерата ја стави во мирување за комплетно да и се посвети на продфесијата на новото време – инфлуенсерството.
Несудена балерина, ама затоа можеби и иден маркетинг менаџер, ПР или менаџер за односи со јавност, како што и гласи универзитетската диплома и тоа со веќе стекната менаџерска пракса. Но не академска, туку онаа од младоста, кога со години беше менаџер на можеби најкултиот ноќен клуб во Македонија – „Хард Рок“, легендарната скопска дискотека од 90-ите.
Храбра како жена, за многумина можеби фатална, која не трпи неправди, па на нив бурно реагира со остри зборови. Особено кога нешто лично ќе ја погоди и „извади од кондури“, кога ќе ја р’чнат таму кај што не треба и тоа како знае да биде „отровна“! Тогаш „без влакна на јазикот“ сече како со сабја, користејќи го своето најубоито оружје – социјалните мрежи. Во спротивно, како што самата вели, приземна, коректна и секогаш расположена за комуникација!
Вредна домаќинка во кујната на која готвењето не и е тајна, пасиониран љубител на цвеќето, особено на она салонското, со кое внатрешноста на домот секогаш си ја претвора во сопствена ботаничка градина.
Посветена и оддана самохрана мајка на машко дете, нејзинито се’ на светот – синот Андрија, кој полека „го дрма пубертетот“, па таа сега ќе има обврска плус, со оваа нормална развојна појава, дополнително да се справува.
Нема предрасуди за многу нешта, па ни за тоа да зборува за сопствените стравови, борбата со анксиозноста и паничните напади со кои барем засега, успеала да излезе на крај. Во душата авантурист, светски патник, кој ужива во егзотичните дестинации и сите нивни убавини, па затоа преселбата остатокот од животот да го помине нанекаде на море, е еден од нејзините клучни идни планови… Но дотогаш, како што самата вели, овде има уште многу тоа да направи.
Тијана е нејзината втора половина или спротивност без која не може, која ја следи како најверна сенка иако далеку од тоа дека таа е во нејзина сенка. Напротив, животните патишта им се испреплетуваат, а нештата мошне компактно поклопуваат.
Својот Инстаграм го користи и за инфлуенсерски марифети од типот на рекламирање на разни производи и услуги, но и како врвен мотиватор за сите животни предизвици. Своите искуства и совети несебично јавно ги споделува во своите објави и постови, со цел некому да му послужат за да ги реши своите проблеми.
Нејзината популарност во виртуелниот свет е толку голема што беше дури и злоупотребена, а таа беше жртва на сајбер измама со создавање лажен профил за лажни реклами, чии креатори ги користеа нејзиниот лик и дела.
За сето она што е, што го знае и умее и носи во себе, за сите споменати нешта, но и за многу други работи кои ниту оддалеку нема да ги слушнете на друго место, па дури ни на тоа ништо слично, ќе ги дознаете во интер ток шоуто „Ништо лично“ со Антонио Димитриевски, овој пат од прва рака од дамата која во ова издание ни гостува, највлијателната македонска инфлуенсерка и екс ТВ водителка, Миа Костова.
Премиерно, вечерва среда (09. април 2025), во 20.00 часот директно на YouTube каналот на КурирМК (@Kurir.podcast)