Родителите честопати бараат начини да им покажат на своите деца љубов, сигурност и прифаќање. Иако делата зборуваат многу, зборовите можат да имаат и неверојатна моќ – особено кога доаѓаат од лицето на кое детето најмногу му верува. Според експертите, децата на кои редовно вербално им се изразува љубов, поддршка и разбирање, развиваат посилно чувство на самопочит и емоционална отпорност. Некои фрази, колку и да се едноставни, оставаат длабок и траен белег, пишува индекс.хр.
„Те сакам, без разлика на сѐ“
Оваа фраза јасно пренесува дека љубовта на родителот е постојана и независна од однесувањето, успехот или неуспехот на детето. Психолозите истакнуваат дека децата што ги слушаат овие зборови развиваат сигурна приврзаност и чувство дека се сакани токму такви какви што се. Оваа порака е особено важна во моменти кога детето прави грешки или доживува неуспех.
„Во ред е да правиш грешки, тука сум да ти помогнам“
Наместо да казнува или критикува, оваа фраза покажува разбирање и подготвеност за поддршка. Експертите нагласуваат дека родителите кои реагираат на овој начин им помагаат на децата да развијат здрав став кон грешките и самодоверба. Детето тогаш не чувствува срам, туку доверба и сигурност.
„Многу сум среќен што сум твој родител“
Оваа реченица не само што изразува љубов, туку и гордост и благодарност. Тоа му дава на детето чувство дека е сакано не само за она што го прави, туку и за едноставното постоење. Според експертите, ваквите пораки го зајакнуваат идентитетот и чувството на припадност на детето.
„Можеш да ми кажеш сè, секогаш ќе те слушам“
Кога родителот јасно става до знаење дека е достапен за разговор, детето развива чувство на емоционална сигурност. Психолозите наведуваат дека отворената комуникација во раните години ги поставува темелите за врска полна со доверба и искреност во адолесценцијата и зрелоста.
„Ништо што ќе направиш нема да промени колку те сакам“
Оваа фраза испраќа силна порака дека љубовта не е условена од однесување или достигнувања. На овој начин детето учи дека родителот нема да го отфрли или да го сака помалку затоа што направило грешка. Според експертите, ваквите зборови го намалуваат стравот од осудување и поттикнуваат емоционална поврзаност и искреност во односот родител-дете.
Кога родителите редовно ги користат овие фрази, децата не само што се чувствуваат сакани, туку и развиваат темелна доверба што ги обликува нивните идни врски и емоционално здравје.