Поднесени кривични пријави против 10 лица – „Сѐ ќе биде поткрепено со докази, нема да има селективна правда“, порача премиерот
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, изјави дека истрагата поврзана со скандалот со дрога води кон лица од опозицискиот блок, како и кон поранешни политички функционери.
Според него, досега е поднесена кривична пријава против 10 лица, покрај двајцата кои веќе се приведени, нагласувајќи дека ова е „само почеток“ на процесот.
„Нема да зборувам со претпоставки, туку врз основа на аргументи и факти. Верувам дека истрагата ќе доведе до многу значајни имиња кои се дел или поврзани со актуелната опозициска СДСМ, делумно и со таканаречениот Европски фронт, но и со поранешни политичари. Кога ќе се обелоденат доказите, да не се квалификува тоа како политички реваншизам“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека одговорност ќе има за сите за кои ќе се утврди вина, нагласувајќи дека истрагата ќе се темели исклучиво на докази.
Критики за политиките на претходната влада
Премиерот се осврна и на политиките на поранешната влада предводена од СДСМ и ДУИ, особено во делот на законските измени поврзани со одгледувањето канабис.
Тој посочи дека повеќепати биле правени обиди за измена на Законот со цел да се овозможи извоз на цвет од канабис, оценувајќи дека економската политика не треба да се темели на таков тип производство.
„Не може економската стратегија на една држава да се гради врз производство на канабис. Денес ги гледаме последиците од тие политики“, рече Мицкоски.
Во своето излагање тој ги спомена и поранешните функционери Али Ахмети, Зоран Заев и Венко Филипче, наведувајќи дека актуелните случувања се резултат на политиките спроведувани во нивниот период на власт.
Мицкоски нагласи дека правдата ќе биде спроведена и дека секој кој се огрешил ќе одговара согласно закон.