Хјустон Рокетс изедначи во серијата на 1-1 против Голден Стејт во плеј-офот на Западната конференција во НБА, откако денеска на домашен терен победи со 109:94.
Хјустон го предводеше Џејлен Грин со 38 поени, од кои осум тројки од 18 обиди, а имаше и шест асистенции, четири скока и три украдени топки. Алперен Шенгун постигна 17 поени, заедно со 16 скока и седум асистенции, Дилон Брукс постигна 16 поени, а Тари Ајсон имаше 14 поени и шест скока.
Голден Стејт во ниту еден момент не водеше, а од крајот на првата четвртина игра без Џими Батлер, кој се повреди.
Најефикасен во тимот беше Стеф Кари со 20 поени, девет асистенции и пет скока. Тој стана 11-тиот играч во историјата на НБА кој постигнал најмалку 4.000 поени во плеј-офот и сега има 4.017 поени. Мозес Муди и Квинтен Пост додадоа по 12 поени, додека Џонатан Каминг и Пет Спенсер имаа по 11.
Вториот натпревар ќе се игра ноќта меѓу сабота и недела, а домаќин ќе биде Голден Стејт.
Кошаркарите на Бостон поведоа со 2:0 против Орландо во првото коло од плејофот на Истокот, бидејќи на домашен терен победија со 109:100. Бранителот на титулата го предводеше Џејлен Браун со 36 поени, 10 скока и пет асистенции, додека Кристапс Порзингис додаде 20 поени и 10 скока.
Во победата придонесоа Дерик Вајт со 17 поени, шест скока и пет асистенции, Пејтон Причард со 14, а Џру Холидеј со 11 поени и шест асистенции. Џејсон Тејтум не беше во тимот поради проблем со зглобот на десната рака, а го пропушти и првиот плејоф натпревар во кариерата.
За Орландо, Паоло Банкеро постигна 32 поени, заедно со девет скока и седум асистенции, Франц Вагнер додаде 25 поени, а Вендел Картер имаше 16 поени и осум скока.
Третиот натпревар ќе се игра ноќта меѓу петок и сабота, а домаќин ќе биде Орландо.
Кливленд Кавалирс поведе со 2-0 против Мајами во првото коло од плеј-офот на Источната конференција, откако на домашен терен победија со 121-112. Донован Мичел беше најефикасен во победничкиот тим со 30 поени, шест скока и шест асистенции, а тоа беше негов 27-ми плејоф натпревар во кој постигна најмалку 30 поени.
Дариус Гарланд постигна 21 поен и девет асистенции, а Еван Мобли имаше 20 поени и шест скока за Кливленд, со што беше поставен рекорд во НБА плејофот од 11 постигнати тројки во втората четвртина. Кавалирс упати 22 тројки во натпреварот.
За тимот на Мајами, Тајлер Хиро постигна 33 поени, со шест скока и пет асистенции, Девин Мичел постигна 18 поени со шест асистенции, а Хејвуд Хајсмит постигна 17 поени. Бам Адебајо додаде 11 поени, 14 скока и девет асистенции, а српскиот кошаркар Никола Јовиќ забележа 11 поени и осум скока. Третиот натпревар се игра во сабота навечер во Мајами.