Џеки Хан присуствуваше на годишното собрание на акционерите на инвестицискиот конгломерат „Беркшир Хатавеј“ кој се одржа претходно овој месец во Омаха.
Тој го искористи присуството за да му се обрати на извршниот директор на оваа компанија, 94-годишниот Ворен Бафет.
„Како што можете да претпоставите, потекнувам од кинеско семејство. Отсекогаш сме биле „слаби“ на недвижности“, рече Хан.
Многу други Американци се чувствуваат исто како Хан. Имено, истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Галуп“ покажа дека недвижностите се најомилена инвестиција за повеќето испитаници. Ова е случај веќе 12 години по ред, колку што се спроведува анкетата. Според тоа, Хан го прашал Бафет, кој е еден од најдобрите инвеститори во светот, зошто сè уште купува акции, а не недвижности.
Одговарајќи на прашањето во преполна сала, Бафет се потсетил на тоа дека неговата долгогодишна десна рака Чарли Мангер ги обожавал недвижностите, особено подоцна во животот. Тоа беше, како што рече тој, малку повеќе од хоби.
„Доколку побаравте од него кога имаше 21 година да избере – дали до крајот на животот да биде исклучиво во акции или исклучиво во недвижности, тој ќе ги избереше акциите. Барем во Соединетите Американски Држави постојат многу повеќе можности“, истакна Бафет.
Перформансите на берзата во последните четири децении го поддржуваат ова тврдење на Бафет, а тој голем дел од својот успех го припиша на тоа што е роден во Америка.
„Доколку требаше да се родам денес, во утробата само ќе преговарав додека не ми кажат дека можам да бидам во САД“, рече тој.
Тој дополнително објасни зошто инвестира со купување акции, а не со купување недвижен имот.
„Кога одите на њујоршката берза, можете да направите работи вредни милијарди долари, целосно анонимно и тоа за пет минути. Кога ќе склучите договор со лош заемодавател на недвижнини, тоа е само почеток. Потоа се преговара за повеќе работи и тоа е сосема поинаква игра со различен тип на личност која ужива во играта“, истакна Бафет.
Значи, Бафет верува дека барем во САД, можете побрзо, полесно и повеќе да се збогатите со купување акции, а не недвижности, пренесе „CNBC“.