Составот на руската делегација што ќе учествува на разговорите во Истанбул ќе биде утврден врз основа на голем број прашања што би се дискутирале за време на состанокот, изјави помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков.
-Делегацијата ќе разговара и за политички и за бројни технички прашања, рече Ушаков.
Тој нагласи дека конечниот состав на делегацијата ќе биде утврден врз основа на овие теми.
Рускиот претседател во неделата предложи Украина да ги продолжи директните разговори без предуслови во Истанбул на 15 мај.
Тој нагласи дека не ја исклучува можноста за постигнување вистинско примирје кое Киев ќе го почитува.
Зеленски одговори на мировната иницијатива на Путин со ултиматум: побара Москва да се согласи на целосен прекин на огнот во траење од 30 дена од 12 мај, нагласувајќи дека дури тогаш Киев ќе седне на преговарачка маса, пренесува руската агенција.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина веднаш да се согласи со предлогот на Москва, Зеленски рече дека ќе го чека рускиот претседател во Турција в четврток.