На армискиот полигон „Криволак“ вчера пристигнаа учесниците на меѓународната вежба „Immediate response 25“ која официјално започнува од денеска и ќе трае до 9 јуни.

Единиците од седум НАТО и две партнерски армии пристигнаа со своја формациска опрема и вооружување, меѓу кои тенкови „Leopard“, борбени и транспортни хелихоптери „AH-64 APACHE“ и „Black hawk“, оклопни возила „JLTV“ и „HMMWV“ и минофрлачи.

IR-25 е мултинационална вежба со изведување на копнени борбени дејства и бојни гаѓања, преку кои се подобруваат подготвеноста, интероперабилноста и способностите за одвраќање помеѓу НАТО сојузниците и партнерите.
Сценариото на „IR – 25“, опфаќа демонстрирање на безбедносните способности и зајакнување на сајбер-одбраната, преку реализација на мултинационални боеви гаѓања, сајбер вежба, премин преку река и АБХО вежби, појаснија од Генералштабот на АРМ на денешниот брифинг со медиумите.

На „Криволак“ ќе учествуваат армиите на Македонија, САД, Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство и Австрија и Косово како партнери. Во исто време, „Immediate Response 25“, ќе се спроведува и во Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора и Словачка. „Immediate Response 25“ е дел од серијалот на вежби „Defender 25“ кои редовно се реализираат.

Од АРМ додаваат дека за време на вежбата ќе се користи само стандардна муниција која е во согласност со заштитата на животната средина.
