Многуте салта што ги направи Арбен Таравари во политиката, го исклучуваат елементот на изненаденост од неговата пракса влези – излези од власта, пишува Катерина Блажевска во анализата за Дојче Веле.
Заврши драмолетката со Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари: партијата вчера донесе едногласна одлука – да оди во опозиција, нецела година откако влезе во Владата. Претходно АА ја напушти и коалицијата ВЛЕН, откако реши да настапи на локалните избори со свои листи за советници.
Колку и потегот да изгледа изненадувачки, бидејќи ретко се случува партија од власт да сака да замине во опозиција, ништо не е изненадувачки ако се имаат предвид сите одисеи на Таравари во изминатите години, со предзнакот „се предомислив“.
Кога тој стана министер за здравство во правата влада на Зоран Заев, на таа функција формално остана вкупно 151 ден (од први јуни 2017 до 29-ти октомври 2017). Но, суштински беше отсутен од ресорот уште од почетокот на септември, кога објави дека ќе влезе во изборна кампања и трка за градоначалник на Гостивар. А само две недели претходно, во средината на август 2017 година, на новинарски прашања децидно одговораше „Нема да се кандидирам за градоначалник!”.
Брзо се предомисли.
„Одлуката беше да се натпреваруваме и да зајакнеме како партија. Ако ние како партија не сме силни, ако ја немаме довербата на народот, тогаш нашата вредност во Владата е ирелевантна”, образложи тој зошто го сменил ставот.
Не знаев дека сум свој советник
Звучи познато? Да. И овојпат образложението е дека „АА се враќа кај народот”, па Изет Меџити му реплицираше „дека не се враќаат кај народот туку кај црната листа (читај ДУИ) дека не ја донеле промената, туку ја спречиле, и дека не ја напуштиле Владата, туку ја предале”.
Иако потезите „тргни – врати се“, „рекол – порекол“, беа дел од праксата на Таравари, пред ланските избори, партнерите од ВЛЕН замижаа на овие „дребулии“, во име на битката за промени и детронизирање на ДУИ по дведецениска доминација во власта.
Тој се залагаше за одговорно раководење и одговорно трошење на јавните пари, но честопати „не знаеше“ дека се случува спротивното. При претходното министерување самиот се беше ставил себеси за советник на министерот Таравари. Се правдаше дека не знаел оти и самиот е на листата советници, која тој ја потпишал. Наводно, неговиот потпис бил ставен со печат, без тој да знае. Откако случајот беше објавен во медииумите, побара да биде изземен од списокот, а се пофали дека не добил ниту еден денар надомест. Практично и немаше време да добие, бидејќи брзо замина од министерската фотелја.
Денес, неговото заминување од ВЛЕН и Владата кон орбитата на архиопонентот, многумина го поврзуваат со некаква „непријатност“ околу пропаднатиот договор на Министерството за здравство со албанската компанија „Ѓока контракшн“ која требаше да управува со паркингот на Клиничкиот центар. Официјална потврда на таквите сомнежи нема, освен можеби во нечиј партиски тефтер.
Не знаев дека куќата е на функционер од ДУИ
Таравари во 2021 година, од пратеникот на ДУИ и сопственик на нафтената компанија „Пуцко петрол“Исмаил Јахоски (и од уште еден косопственик) купи куќа со површина од 261 квадратен метар во скопско Тафталиџе за само 150.000 евра. Не можеше да ја објасни „висината” на цената, но изјавуваше дека немал информација оти куќата е во сопственост на функционер на ДУИ. Тврдеше и дека не го видел Јахоски дури ни кога го потпишувале договорот, затоа што, како што рече „на нотар сигурно отишле посебно“.
Таравари, кој во изминатите години изјавуваше дека „институциите се ДУИ-зирани” и дека корупцијата за време на владеењето на СДСМ-ДУИ достигнала „алармантни и невидени нивоа“, во 2023 година влезе токму во Владата на Ковачевски и седна рамо до рамо со ДУИ.
И остана верен на праксата влези- излези. Овојпат на челната позиција во здравството ќе прокнижи помалку од една година, а во меѓукоалициската поделба на ресорите ВЛЕН го побарала здравството токму заради докторот Таравари. Потегот на овој невролог, чија специјалност се проблеми со невродегенерација – Паркинсонова болест, деменции, главоболки и мигрени, наскоро ќе покаже кој ќе има штета од деменцијата за минатиот труд, кој главоболки, кој тремор. И кој ќе прокнижи успех од дијагностицираниот невродегенеративен процес во политиката.