Свет

Што стана со „Црните животи се важни“?

Што стана со „Црните животи се важни“?

Онаму каде што на асфалтот некогаш блескаше светло жолтиот напис „Црните животи се важни“, сега повторно се пробиваат низ улиците тешки теренски возила. Републиканците во американскиот Конгрес беа вознемирени од симболичката ознака, конечно беше отстранета во март. Кејона Џонс стои на средината на оваа некогаш позната 16-та улица во Вашингтон. „Се чувствувам благодарна, преоптоварена и разочарана – но во исто време и зајакната“, вели уметницата за ДВ.

Пред околу пет години, таа и други уметници ги насликаа огромните букви на асфалтот во ноќна акција. Дури во зорите, кога непознати луѓе застанувале и сакале да помогнат, таа сфатила дека станала дел од нешто поголемо. „Во рок од 24 часа, буквите беа видливи насекаде низ светот. Тоа ме исполни со радост и ми даде сила. Вака се случуваат промените“, вели таа.

Убиството на Џорџ Флојд предизвика протести ширум светот
Промената што Кејона Џонс ја сака е правдата. Пред точно пет години, Афроамериканецот Џорџ Флојд почина за време на брутална полициска акција. Неговата смртна борба траеше нешто помалку од девет и пол минути, прецизно документирана од камерата на мобилен телефон. „I can’t breathe“ (Не можам да дишам) на Флојд можеше да се слушне повторно и повторно.

Движењето „Црните животи се важни“ стана можеби најголемото протестно движење во историјата на САД.

Конечно во фокус: полициско насилство
Смртта на Флојд предизвика бура и надвор од САД. Од јуни 2020 година наваму, протести се одржаа ширум светот – иако со различен фокус. Активистите во Бразил и Колумбија го користеа движењето „Црните животи се важни“ за да привлечат внимание на расистичкото полициско насилство врз домородните и афро-латиноамериканските заедници.

Во Европа, движењето „Црните животи се важни“ можеше да мобилизира десетици илјади луѓе, особено во Германија, Данска и Италија. Протестите покажаа дека постои „сè поголема свест за проблемот“, изјави за ДВ Тахир Дела, портпарол на иницијативата „Црни луѓе во Германија“.

„Смртта на Џорџ Флојд може да се гледа како пресвртница“, изјави за ДВ адвокатката Лајла Абдул-Рахман, која на Универзитетот Гете во Франкфурт го проучува полициското насилство. И во Германија, „Црните животи се важни“ одигра значајна улога во обликувањето на јавната дебата. „Дискурсот сега се води поинаку, дури и во науката.”

Пет години подоцна – ветувањата треба да се одржат
Пет години подоцна „Ние сме далеку од постигнување на сите промени што им беа ветени на луѓето тогаш“, изјави за ДВ Роберт Семјуел, коавтор на книгата „Неговото име е Џорџ Флојд“. „САД не успеаја да преземат одржлива и активна заложба за обезбедување еднаквост и еднакви можности за сите.”

Ова разочарување се рефлектира и во анкетите: додека во 2020 година, 52 отсто од Американците веруваа дека новиот фокус ќе го подобри животот на црнците, пет години подоцна, според Истражувачкиот центар Пју, се појавува поинаква слика. Само 27 отсто велат дека тоа всушност доведе до позитивни промени. 72 отсто не гледаат подобрувања.

To top