Владејачката партија „Фидес“ на премиерот Виктор Орбан во парламентот поднесе нацрт-закон со кој би се овозможило составување список на организации кои се финансираат од странство, со можност за ограничување на нивните активности доколку се проценат како закана за суверенитетот на Унгарија.
Законот би ѝ дал овластувања на Канцеларијата за заштита на суверенитетот (СПО), основана во 2023 година, да идентификува правни лица чие дејствување „го поткопува независниот, демократски карактер на Унгарија кој е заснован на владеењето на правото, како и нејзиниот „уставен идентитет и христијанска култура“, пренесота локалните медиуми.
Активности кои го доведуваат во прашање бракот, семејството или биолошкиот пол, исто така, би се сметале за закана.
Организациите од тој список би биле подложени на надзор на банкарските сметки, а странските средства би можеле да бидат блокирани.
Законот предвидува дека канцелариите на организациите кои ќе се најдат на списокот може да бидат претресени, вклучително и пристап до документи и електронски уреди.
Доколку организацијата прими пари од странство, таа е должна да плати казна во износ 25 пати поголем од примените средства.
Ако казната не биде платена во рок од 15 дена, организацијата би морала да престане со работа.
Претставници на унгарски организации како што се Хелсиншкиот комитет и Транспарентност Унгарија, кои властите претходно ги означија како странски финансирани организации, не коментираа веднаш за предлогот.
Европската комисија веќе покрена постапка против законот со кој е основана СПО, со образложение дека тој ги поткопува демократските вредности и темелните права во ЕУ.
Законот доаѓа во пресрет на изборите во 2026 година, во момент кога партијата на Орбан првпат се соочува со сериозен предизвик од нова опозициска партија.
Во март, парламентот исто така усвои закон со кој може да се забрани годишната Парада на гордоста, што предизвика бран протести.