Да се учиш да возиш во Германија денес бара повеќе од само трпение – потребни се и многу пари. Според најголемиот автомобилски клуб во Германија, АДАЦ, добивањетовозачка може да ве чини помеѓу 2.500 и 3.500 евра , а во некои случаи дури и повеќе. За младите луѓе, кои сè уште се школуваат, дозволата сѐ повеќе станува луксуз, пишува Дојче Веле.
Иако возачка дозвола стекната во земја членка на ЕУ е важечка во целата Унија, начинот на стекнување е регулиран на национално ниво. Секоја земја има свој концепт на автошкола, што пак ја одредува цената. Во Германија часовите за возачка се обемни и сртого законски регулирани Кандидатите мора да апсолвираат минимум 14 теориски сесии и 12 практични часови по возење.
Наспроти тоа во Полска, на пример, има покомпактна и помалку строго регулирана програма, каде што дозволата може да чини и само 600 евра. Барањата за реформи стануваат сè погласни. Флоријан Милер, портпарол за транспортна политика од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), е меѓу оние кои се залагаат за „современо и модерно образование за возење“ кое кандидатите може финансиски да си го дозволат и кое истовремено ја одразува моменталната реалност на патиштата. На крајот на краиштата, „автомобилот е сè уште превозно средство број еден“ во Германија и многу луѓе зависат од поседување возачка дозвола, вели Милер за ДВ.
„Возењето во Германија е привилегија“
На Варша Ијер тоа ѝ е премногу добро познато. По потекло од Индија, таа се преселила во Германија во 2018 година за да студира. Нејзиниот пат до возачка дозвола бил и емоционално исцрпувачки и финансиски оптоварувачки. Од друга страна, возачката дозвола била и неизбежна бидејќи од нејзиниот дом до Диселдорф, каде што студирала, било тешко да се дојде без автомобил.
За да си ги плати часовите по возење, Ијер работела со скратено работно време во пекарница додека студирала. Теорискиот испит го поминала уште при првиот обид, но пет пати паѓала на практичниот. „Главниот проблем беше што критериумите за испитот беа доста строги“, раскажува таа за ДВ и додава дека „ја разбира потребата од високи стандарди, но не ми изгледаше многу актуелна во однос на тоа како луѓето реално возат.“
Нејзината дозвола на крајот чинела над 5 илјади евра, односно цела нејзина заштеда. Процесот е особено тежок за мигранти како Варша Ијер, кои се соочуваат со јазични бариери и доаѓаат од многу различни сообраќајни системи. „Возењето во Германија очигледно сè уште е привилегија“, вели таа и додава дека „многу малку луѓе имаат неограничени ресурси за да плаќаат за повторно тестирање.“