Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на прославата по повод патрониот празник на гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ додели пофалници на најуспешните ученици и испрати порака дека учењето е најдобра инвестиција.
Во обраќањето Сиљановска – Давкова истакна дека е поврзана со турската култура и народ затоа е денес во училиштето што го носи еден од најистакнатите личности на турската држава.
– Мене денеска ми е местото овде. Дојдов во право време, на право место. Би сакала да ви кажам зошто. Прво, родена сум во турска куќа, не случајно. Второ, родена сум во мај, празников е во мај. Трето и самата сум учителка, само на повозрасни ученици. Велат, еднаш професор, секогаш професор, рече Сиљаноска – Давкова.
Таа посочи дека кон личноста на Кемал Ататурк има голем респект, не само заради потеклото, не само заради тоа што учел во Битола и Солун, па дури и бил вљубен во една Елени туку затоа што е навистина голем реформатор.
– Многу моменти од мојот живот биле врзани за Турција, за турскиот народ, како судбина да ми била. Не можам, а да не искажам огромно задоволство и почит кон овој мулти-културен амбиент, прекрасно е. А да не зборувам за денот. Има ли поважен датум за вас и за сите Турци ширум светот, од 19-ти мај, рече претседателката.
Таа денес додели пофалници на двајца ученици и напомна дека и самата била првенка и во основно училиште и во гимназија и на факултет.
– Нема подобра инвестиција од таа во знаењето. Учете, бидејќи учењето и знаењето ќе ве направат посигурни, потолерантни, покомпетитивни, само тоа не може никој никогаш да ви го одземе во животот, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова на денешната прослава на патрониот празник на ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар.
На прославата која беше проследена со пригодна културно-уметничка програма, присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани
Основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ е едно најголемите во општината со три подрачни училишта со над 1.400 ученици. Ова училиште е основано во 1945 година, а до 2006 година го носеше името на Петре Јовановски, а пред речиси две децении го носи името „Мустафа Кемал Ататурк“.