Реакција на пратеникот Сергеј Попов по претставување на новите мерки на Владата на Република Македонија.
– Денес ја имам честа да ги претставам најновите мерки на Владата на Република Македонија, со кои се потврдува посветеноста ВМРО – ДПММЕ кон младите и нивната иднина во нашата земја. Со особена гордост го најавуваме новиот оперативен план за вработување, кој за првпат во ваков обем и со ваква насоченост, ги става младите во центарот на вниманието.
Во време на брзи промени, глобални предизвици и технолошки трансформации, младите сè почесто се соочуваат со неизвесности и препреки на патот до стабилна професионална кариера. Владата е целосно свесна за овие реалности и токму затоа ги креиравме овие мерки, за да им понудиме конкретна поддршка и сигурност.
Првата мерка предвидува значајна поддршка за самовработување на млади лица до 29 години, кои се евидентирани како невработени и имаат најмалку завршено основно образование. Преку оваа мерка, секој млад човек што сака да основа сопствен бизнис ќе добие финансиска помош од 615,000 денари, заедно со дополнителни средства за покривање на трошоците за регистрација. Ова не е само финансиска поддршка, ова е поттик за секоја млада личност да ја преземе контролата врз својата професионална иднина, да стане креатор, а не само корисник на економскиот систем.
Понатаму, планот нуди и можност за самовработување , преку формирање на друштва со ограничена одговорност (ДОО), каде младите можат да се здружат и заедно да започнат сопствен бизнис. Овде, поддршката е поголема, и е прилагодена според возраста и бројот на содружници. За двајца млади под 29 години, помошта може да стигне и до 1,230,000 денари. Оваа мерка не само што го стимулира претприемништвото, туку и поттикнува соработка и доверба меѓу младите.
Посебно значаен е и проектот за практиканство, кој ќе опфати над 1,300 млади лица до 29 години, со цел стекнување на конкретни, практични вештини кои се барани на пазарот на трудот. Оваа мерка ќе им овозможи директен влез во реалната работна средина, преку менторство, едукација и искуство кое е неопходно за понатамошен професионален раст.
Исто така сакам да ја напоменам мерката, младинскиот додаток. Преку оваа мерка, се опфаќаат околу 3,500 млади лица до 29 години, кои ќе се вработат или веќе се вработени во производствени дејности. Овде помошта е во висина од 3000 денари по лице. Оваа поддршка има за цел да се стимулира ангажманот на што повеќе млади во стопанството и производството.
Овие мерки се уште еден доказ дека Владата е посветена на исполнување на сите ветени проекти за млади од програмата 1198 и како Влада која стои како сојузник на младите која работи да ги отвори вратите на можностите за секој млад човек, било да сака да создаде, да научи, да се вработи или да се усовршува. Убедени сме дека само со вложување во младите може да изградиме општество со просперитетна иднина.