Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа влезе во Собрание, денеска го имаше првото читање во работните собраниски тела, а со тоа реформскиот процес на постоечкиот закон влегува во својата завршна фаза. Министерот Златко Перински пред комисијата за локална самуправа и законодавно правната комисија ја презентираше предложената изменета, дополнета и модернизирана законска рамка која ќе создаде услови за поефикасни општини, истовремено и позадоволни граѓани.
Направената партиципативна оценка на спроведувањето на Законот за локална самоуправа, како и други поврзани анализи и извештаи резултираа со наоди за постоење на предизвици во спроведувањето на дел од одредбите на законот. Истовремено, во изминатиот период направени се усогласувања со правото и стандардите на ЕУ во низа засебни закони со кои се доуредуваат надлежностите на локалната самоуправа, што налага потреба овие измени да бидат соодветно рефлектирани во Законот за локалната самоуправа како системски закон со кој се уредува делокругот на надлежности на локалната самоуправа.
Законот за локална самоуправа е системски акт кој, по повеќе од дваесет години, сега се подложува на сериозна ревизија, со цел да се адаптира на новите потреби и предизвици кои низ годиниве се појавија во нашиот општествен и правен контекст.
Процесот на изменување започна во октомври 2024 година, со официјално известување за започнување на реформата, а на 12 март 2025 година беше подготвен Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, кој беше објавен на ЕНЕР.
За да се осигура максимална транспарентност и инклузивност во овој процес, во период од декември 2024 до февруари 2025 година беа организирани четири консултативни работилници во Битола, Штип, Гостивар и Скопје. На овие средби учествуваа претставници од општините, академската фела и невладиниот сектор кои ги изнесоа своите конструктивни препораки, кои се вклучени во процесот на финализирање на измените на Законот.
Паралелно, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, се посетија повеќе од 20 општини, а средбите со градоначалниците и членовите на општинските Совети, беа дополнителна можност за разговор и разгледување на предложените измени на Законот. Од овие средби произлегоа важни идеи и препораки кои придонесоа за усовршување на предлогот.
По ова, на 12 март 2025 година, беа испратени дописи до сите министерства и до ЗЕЛС, со барање за доставување на мислења и предлози, а во март 2025, на седницата на Координативното тело за следење на спроведувањето на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026, измените на Законот беа дискутирани како посебна точка на дневен ред, со цел вклучување на сите институционални чинители во финализирањето на овој важен процес.
Ова се клучните измени кои резултираа од овој инклузивен процес, процес кој е од суштинско значење за формирање на поефикасна, транспарентна и одговорна локална власт која ќе ги зајакне темелите на нашиот развој и стабилност.
Еден од најсуштинските предизвици што се препозна е отсуството на соодветен механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува можност за поведување постапка за нивна доверба или отповикување пред завршување на мандатот. Со предлог измените се предлага воспоставување фер, демократски и правичен механизам преку референдум граѓаните да одлучат за доверба на градоначалникот. Многу внимателно е срочена оваа законска одредба со цел да не се дозволи злоупотреба на истата и да служи само во исклучителни ситуации.
Граѓаните преку референдум ќе можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот.
Советот на Општината ќе биде должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20% од избирачите во општината. Одлуката за недоверба на градоначалникот ќе биде донесена доколку за неа гласаат мнозинство од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од една третина од вкупниот број на граѓани запишани во Избирачкиот список за соодветната општина.
Исто така, уште една потребна измена е намалување на прагот од 10% на 5%, потребен за поведување на граѓанска иницијатива за носење на одреден акт или решавање на некое прашање во ингеренции на општината. Се намалува и рокот за одржување на расправа по однос на граѓанската иницијатива од 90 на 60 дена.
За да се зајакне транспарентноста, покрај тоа што седниците на Советот на Општината се јавни, се дополнува законот и со обврска информациите за седниците и работата на Советот на Општината, како и записниците од јавните седници на Советот, Општината да ги објавува на својата веб-страницата или на други дигитални канали за јавна комуникација и информирање.
Најгорливото прашање поврзано со хигиената во општините е адресирано преку дополнување на законските одредби, со што се овозможува Општината да формира организациски единици за комунален ред и инспекциски надзор.
Предвидено е и дека во Општината со седиште во град, градоначалникот може да именува главен архитект на градот заради подобрување на состојбите со урбанистичкото планирање во градовите.
Овие измени на Законот за локална самоуправа не се само правни корекции – тие се силен чекор кон зајакнување на демократскиот капацитет на нашето општество.
Овој процес е импулс за поголемо учество на граѓаните во креирањето на локалните политики и за посилна отчетност на локалните власти.
Со оваа реформа, која е резултат на инклузивен и транспарентен процес, обезбедено е законско решение со европски практики, кое ќе ја унапреди локалната самоуправа и ќе ги доближи институциите до потребите на граѓаните.
Овој закон е темел за посилна, поодговорна и поефикасна локална самоуправа која ќе биде вистински сервис за секој еден граѓанин.
Како Влада, задоволството на граѓаните е нашата најголема мотивација.
Токму затоа, оваа реформа не е само уште еден владин проект, туку заедничка победа за сите нас!