На денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ се обрати Ели Пешева од О2 Иницијатива. Таа истакна дека во изминатите 7-8 години се тапка во место, додека пак од планот за аерозагадување на владата од ноември 2018 година немаше никакви резултати.
„Наназад од 2017, 2021 имаме постојано планови за подобрување на квалитетот на воздухот, сега имаме нов план кој беше презентиран пред неколку месеци, се надевам ќе добиеме информации за тоа како тече неговата реализација. Но, генерално од програмата за намалување на аерозагадувањето т.н план за чист воздух на Владата од ноември 2018 каде што требаше да се намали загадувањето на воздухот во период од 2 години за 50% немаше никакви резултати од програмата за намалување на аерозагадување во 2021-ва година таа програма згасна, во 2019 беа одвоени сериозни пари меѓутоа не беа наменски искористени, немаше никакво подобрување“, истакна Пешева.
Пешева посочи дека недостасуваат соодветни и континуирани мерки.
„Генерално можам да заклучам дека недостасуваат соодветни и континуирани мерки низ годините наназад ние изгубивме драгоцено време можеби 7-8 години во кои тапкавме во место заради преклопување на ингеренции или недоволно јасни ингеренции на институциите и некако тоа даваше момент во кој секој зад некого се прикриваше наместо да влеземе во една заедничка стратегија и да се работи плански“, заклучи Пешева.