Соопштение на министерката за образование и наука Весна Јаневска во кое им го честита распустот на учениците.
„На основците и средношколците што денес ја завршуваат учебната година им честитам на напорната работа и заслужениот успех. Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување.
Честитки и до сите учители, наставници и професори, кои секој училишен ден им помагавме на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците. Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме Ви благодарни.
Сакам посебна честитка да упатам до родителите и старателите, кои се наши партнери во образованието, за поддршката и довербата заедно да придонесеме за напредокот на секое дете. Чесни, праведни и одговорни луѓе, со знаења и вредности, можеме да градиме само со заедничка посветеност.
Министерството за образование и наука продолжува со подобрувањата на воспитно- образовниот систем, работиме на нова Стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Работиме на подобрување на инфраструктурни услови, ги надградуваме наставни програми и учебниците и го забрзуваме процесот на дигитализација.
Оваа учебна година направивме многу – обезбедивме учебници за предметите за кои немаше, ги донесовме клучните закони и заедно со општините работевме на јакнење на училишните средини за да бидат мирни и безбедни за учениците, без сегрегација и дискриминација по ниеден основ. За учебната 2025/2026 сите заедно треба да направиме уште повеќе, за да можат нашите деца да добијат образование какво што заслужуваат.
Пријатен летен распуст!“