Македонија Биро за Јавна Безбедност

Јанев: Правдата ги допира и оние кои мислеле дека ќе останат недопирливи

Првичните проценки се дека државата е оштетена за над 4 милијарди денари – средства што требале да завршат во здравство, образование, безбедност и инфраструктура, а не на приватни сметки и во луксузни имоти, објави директорот на БЈБ.

Јанев: Правдата ги допира и оние кои мислеле дека ќе останат недопирливи

Конечно, тропа правдата! По децении на молк, страв и политичка заштита, државата започнува да го расчистува најтемниот дел од својата пост-транзициска ера, објави Александар Јанев, директор на Биро за Јавна Безбедност.

-Со интегритет, решителност и координирано институционално дејствување, се иницира демонтажа на длабоко вкоренетата политичко-криминална структура која со години ја пљачкаше државата одвнатре.
Години наназад, одредени бизнис елити, поврзани со политички и економски центри на моќ, потпомогнати од поединци вработени во државната администрација, создаваа цел систем на недопирливост, монопол и влијание. Луѓе за кои беше јавна тајна дека делуваат во сенките на државата, штитени од врвот на политичко-бизнис пирамидата, денес конечно се повикуваат на одговорност. Тие не се само лица – тие се симболи на епохата на институционализирана злоупотреба, системско државно ограбување и уривање на правдата, потенцира во објавата Јанев.

Тој додаде дека под маската на легален профит, преку фиктивни прикажувања на добивки и симулирано плаќање на даноци, се изведувал организиран поврат на ДДВ, конструирајќи трансакции кои никогаш не постоеле. Монтирани државни исплати потоа завршувале во приватни џебови.

Првичните проценки се дека државата е оштетена за над 4 милијарди денари – средства што требале да завршат во здравство, образование, безбедност и инфраструктура, а не на приватни сметки и во луксузни имоти, објави директорот на БЈБ.

Решителни сме – правдата ги допира и оние кои мислеле дека ќе останат недопирливи, потенцира Јанев.

Најнови вести од Македонија

To top