Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска која е осомничена за оддавање службена тајна на друг осомничен во случајот „Адитив“ нема поднесено оставка, а според мислењето на дел од поранешните членови на оваа Комисија, тоа е неопходно да го стори. Сметаат дека се работи за индивидуална, а не за колективна одговорност на целата Комисија.
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека Димитровска треба под итно да поднесе оставка затоа што на овој начин, како што вели, таа сè уште ја инфицира институцијата. Според Ивановска, нанесен е тежок удар врз институцијата и не е момент да се седи со скрстени раце. На потег, вели таа, е Собранието пред кое одговараат претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.
– Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроценка на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат и така натаму, изјави вчера Ивановска.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието вчера преку писмено соопштение посочија дека доколку низ судска постапка се потврдат како точни наводите за Димитровска, тогаш без двоумење ќе биде иницирана соодветна постапка за нејзино разрешување.
– Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување, истакнаа од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Поранешниот член на Антикорупциската комисија Владимир Георгиев смета дека вината е индивидуална, а не на целиот состав на Комисијата, но вели дека целиот случај влијае врз угледот и работата на Комисијата.
– Што се однесува на тоа дали целата институција е виновна, сметам дека тоа е индивидуална одговорност на секој поединечен член, во случајот на претседателката, меѓутоа тоа влијае врз работата на ДКСК и нејзиниот углед во јавноста. Многу е тешко да се стекне доверба преку работа, непристрасност и посветеност, меѓутоа многу лесно може да се изгуби таа доверба. ДКСК е веќе на граница на својата доверба во јавноста и треба многу дополнителен напор за да ја поврати таа доверба, вели Георгиев.
И министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски викендов коментирајќи ги сличувањата во Антикорупциската комисија рече дека не гледа причина за колективна одговорност на целата Комисија.
– Не гледам причина зошто останатите членовите би сноселе одговорност за личните постапки за еден од членовите, за потенцијалните постапки, затоа што станува збор за осомничено лице. И не би сакал дополнително да се впуштам во политизација на процесот затоа што овој состав, како и минатиот состав на ДКСК, беше избран во Собрание со поддршка од сите политички партии, вклучително и од невладини организации, во една транспарентна постапка којашто се сметаше за пример за начин на избор на членови на вакви независни тела. И во еден ваков пример, кога потенцијално овој член би си дал оставка, сметам дека во таква постапка ќе нема простор за омаловажување, дискредитација на потенцијално нови членови на оваа Комисија. Така што мислам дека треба да покажат со пример и дела дека нивната работа е кредибилна, рече Андоновски.
И тој е на став дека претседателката на Антикорупциската комисија е непримерно да продолжи да биде на функцијата додека не заврши целата постапка во Обвинителството.
– Почитувајќи ја пресумпцијата на невиност, се надевам дека ќе биде дадено некакво објаснување и сметам дека додека не заврши постапката во Обвинителството, а потоа и во судот, би било непримерно да продолжи да функционира тоа лице на таа позиција што ја има, истакна министерот Андоновски.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата тврдат дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност на Комисијата.
– Ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК, информираа од ДКСК преку писмено соопштение.
Актуелната претседателка на Антикорупциската комисија се најде во фокусот на јавноста откако минатата недела како осомничена во случајот „Адитив“, и беа изречени мерки на претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности. Димитровска не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата во Собранието беше изгласан на 22 декември 2023 година со 97 гласа „за“, а свечена заклетва членовите дадоа на 8 февруари минатата година. Димитровска беше избрана за претседател на Комисијата.
Предметот „Адитив“ за кој Димитровска е осомничена дека оддала службена тајна на друг осомничен во счулајот, се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица. Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.